Претходно, на патниот правец Кичево – Гостивар, кај местото викано „Тајмишка раскрсница“ се случи сообраќајна незгода поради што сообраќајот беше во прекин до 16:20 часот.
Во меѓувреме од АМСМ информираа дека од 15:30 часот е укината забраната за автобуси и камиони на патниот правец Тетово – Попова Шапка, односно на потегот од село Лисец кон Попова Шапка.
Патот до Беровско Езеро е прооден и исчистен од екипи на Територијалната противпожарна единица од Берово и од ЈП Македонија пат, информираа од Општина Берово, откако снежните врнежи ,,парализираа” дел од патните правци во Малешевијата. Оттаму додаваат дека до туристичката населба Абланица е проооден пола пат, а тим на Македонија пат сѐ уште работи на отстранување на паднатите дрвја на патниот правец Берово-Струмица.
Врнежите од снег предизвикаа проблеми во сообраќајот. Забрана за тешки товарни возила е воведена на неколку патни правци низ државата, а Центарот за управување со кризи издаде вонредна информација за сите оние кои се наоѓаат во Берово да не тргнуваат на пат поради обилни врнежи од снег.
Забрани за тешки товарни возила има и на патниот правц на крак Маврово – Маврови Анови и Двориште.
Од АМСМ информираа дека сообраќајот на останатите државни патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози. Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен, а на граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
За следните денови, синоптичарите најавуваат стабилно време, со ниски утрински температури, а дневните ќе бидат во пораст, освен по одделни котлини каде ќе има појава на магла.