сабота, 27 април 2024

Пасошот на Болсонаро му бил одземен во февруари поради заговор за воен удар, две ноќи се криел во унгарската амбасада

Бразилската полиција истражува зошто поранешниот претседател Жаир Болсонаро минатиот месец поминал две ноќи во унгарската амбасада во Бразилија веднаш откако му бил одземен пасошот во истрагата за наводен заговор за организирање воен удар, информираше денеска запознаен извор за Ројтерс.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Изворот, кој зборувал под услов на анонимност, за Ројтерс изјави дека полицискиот извештај за истрагата ќе биде испратен до судијата на Врховниот суд Александар де Мораес кој нареди истрага за наводниот заговор за воен удар откако Болсонаро беше поразен од левичарот Луис Инасио Лула да Силва во октомври 2022.

Болсонаро негираше каква било вмешаност во заговорот, но поранешни команданти на војската и воздухопловните сили за полицијата претходно овој месец изјавија дека Болсонаро побарал од нив да се приклучат на плановите за пуч. Тие рекоа дека одбиле да се приклучат.

За престојот на Болсонаро во унгарската амбасада помеѓу 12 и 14 февруари првпат беше објавено во понеделникот од Њујорк Тајмс врз основа на снимките од безбедносните камери на кои се гледа како тој влегува во дипломатскиот комплекс.

На 8 февруари, полицијата го заплени пасошот на Болсонаро и го обвини дека подготвувал нацрт уредба за поништување на резултатите од изборите во 2022 година, вршел притисок врз воените команданти да се приклучат на пучот и планирал да го затвори Мораес.

Мораес му даде рок на Болсонаро до среда да му ја објасни на Врховниот суд целта на својот престој, рекоа судските власти.

Адвокатот на Болсонаро Фабио Вајнгартен во понеделникот вечерта на социјалните мрежи рече дека поранешниот претседател бил во амбасадата „за да одржува контакти со претставници на пријателска земја“ и „да добива новости за политичката сцена на двете земји“.

Унгарскиот премиер Виктор Орбан, националист кој е на власт 14 години, е политички сојузник на екстремно десничарскиот Болсонаро. Унгарската амбасада во Бразилија не одговори на барањето на Ројтерс за коментар.

Откако веќе не е на власт, Болсонаро одржува блиски односи со Орбан, кого го нарече „брат“ за време на посетата на Будимпешта во 2022 година. Двајцата се сретнаа оваа година за време на инаугурацијата на десничарскиот претседател на Аргентина, Хавиер Милеи.

Минатата година, бразилскиот суд пресуди дека Болсонаро нема право на политичка функција до 2030 година поради ширење изборни дезинформации за време на изборите во 2022 година. Се соочува и со можна кривична пријава за измама поврзана со неговиот сертификат за вакцинација против ковид-19.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ