петок, 14 март 2025

Партиски престрелки на тема – кој повеќе го збогати Пуцко петрол?

Паралелно со правната процедура (и префрлање на одговорноста на правосудните институции) за приведувањето и притворот на Асмир Јахоски, сопственик на Пуцко петрол, како еден од осомничените во истражната постапка за увоз на канцероген мазут, во јавноста се одвива партиска „дебата“, односно меѓусебни обвинувања која партија повеќе соработувала и ја збогатила фирмата на Јахоски.

Објавено на

часот

Сподели

Денеска пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојановски, на прес-конференција објави дека благодарение на СДСМ и ДУИ, Пуцко петрол успевал за една година да го зголеми приходот за 40 проценти.

„Откако пред некој ден син на пратеник од ДУИ, сопственик на Пуцко петрол како мерка доби домашен притвор, за случај во којшто се сомничи за криминал тежок за 167 милиони евра за набавка на канцероген мазут за ТЕЦ Неготино, јавноста има право да знае дека стекнувањето, поточно зголемувањето на имотот на сопственикот на Пуцко петрол се случува благодарение на СДС и ДУИ.

Оваа постапка следеше откако врз основа на информации во јавноста, Антикорупциската комисија отвори постапка, а потоа и покрена иницијатива за кривично гонење.

Според јавно достапни информации, компанијата Пуцко петрол со години наназад набавува различни производи како мазут, нафта – за многу градинки, училишта, болници, како и за различни државни институции.

Најголемиот скок на имотот на Пуцко петрол е во период на владеење на Зоран Заев, со влада во која министер за здравство е Венко Филипче.

Или, тоа е влада на ДУИ, со малцински партнер СДС.

Токму во тој период, според јавно достапни информации, Пуцко петрол во 2021 година имала вкупни приходи од 48 милиони и 133 илјади евра, што е за 40 проценти повеќе во однос на 2020 година.

Овој процес започнува во 2018 година, или по неполна година од заедничкото владеење на СДС и ДУИ.

Па така, само за еден месец, поточно декември 2018 година, Пуцко петрол добива тендери во вредност од околу 3,2 милиони евра, од кои 2,8 милиони евра е оној за Македонски железници транспорт, претпријатие коешто важи за најдолжно и кое едвај заживува.

Ако само за еден месец во периодот на владеење на Заев и Филипче, Пуцко петрол добива тендери поголеми од три милиони евра, можете да замислите колку добивала за една година. И кога на сето ова ќе го додадете податокот дека вредноста на компанијата се зголемува 40 проценти повеќе во 2021 од 2020 година, логичен е заклучокот дека компанијата од Пласница добивала работа од најголем дел државни органи со кои раководеле кадри на ДУИ, а одлично ѝ одела соработката и со институциите кои биле под водство на СДС.

Поради ваквото владеење на Заев, заедно со Филипче, излегуваат на виделина огромни последици по државниот буџет и парите на граѓаните. Дојде време да се одговара за вакви бизниси на грбот на народот“, кажа Стојановски на партиската прес-конференција.

На овие обвинувања од ВМРО-ДПМНЕ, возвратија од СДСМ, објавувајќи дека на последниот ден од 2024 година, Министерството за образование и наука потпишало договор токму со Пуцко петрол, во вредност од 40.000 евра.

„Кој го мести Бојан Стојаноски од ДПМНЕ? Го пуштаат да излегува на прес конференции и да зборува за профитот на Пуцко петрол, додека институции и општини раководени од ДПМНЕ имаат склучено над 170 договори за тендери со истата комапнија.

Еве само еден од тие 170 договори на ДПМНЕ со Пуцко петрол:

Договоро со Министерството за образование и наука, потпишан од Весна Јаневска од ДПМНЕ, склучен на 31.12.2024 година со Пуцко Петрол тежок 2.500.000 денари или 40.000 илјади евра.

Не навлегуваме во внатрешните игри на ДПМНЕ, но еве нека види Бојан Стојановски за колку го има ‘појачано’ Весна Јаневска профитот на Пуцко петрол и нека одговори:

Колку пари на граѓаните завршија кај Пуцко Петров благодарение на ДПМНЕ и нивните градоначалници, министри, директори на институции?“, поставуваат прашања во партискто соопштение на СДСМ.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ