четврток, 9 јануари 2025

Партиите со различни „визии“ за решавање на аерозагадувањето, задушливата магла сè погуста

Од партијата Левица сметаат владината коалиција не презема доволно мерки и активности за решавање на проблемот со загаденоста на воздухот во главниот град, веќе стандардно актуелен во овој период од годината.

Објавено на

часот

Сподели

„Владата на ДПМНЕ-ЗНАМ-ВЛЕН молчи, додека Скопје руши светски рекорди за загаденост на воздухот. Без разлика на ограничувањата, огромен дел од индустриските капацитети употребуваа крајно штетни горива, мазут и јаглен. И покрај алармантната состојба, најголемиот дел од јавни институции во Скопје, како основни топлива исто така ги користат мазутот и нафта. На сето ова, според нашите сознанија, во дел од индустриските капацитети и покрај забраните се согорува и отпад“, наведуваат од Левица.

Критиките на Левица се насочени и на тоа дека состојбата со загадувачите на терен, особено во индустриските капацитети не може да се утврди. Тие сметаат дека информациите околу загадувањето не се достапни за јавноста, ниту од јавната, ниту од приватната сфера. Инспекторите не можат да констатираат неправилности, поради тоа што непосредно пред нивните проверки, сопствениците на индустриските капацитети се известени, а загадувачите своето работење времено го прилагодуваат во законската рамка.

„Податоците за штетноста на овие горива се одамна добро познати, но во изминатите 30 години никој не презема конкретни чекори за нивно заменување. Левица претходно предочи итни мерки кои можат да се спроведат со цел намалување на загадувањето, особено во неколкуте најзагадени градови во Македонија. За жал, откако се на власт, на ДПМНЕ, ЗНАМ и ВРЕДИ загадениот воздух не им пречи. Потсетуваме дека овие партии, го намалија буџетот за над 50% против аерозагадувањето, а очигледно од препораките и еколошките програми, апсолутно ништо не се спроведува“, велат од Левица во соопштението.

Врз основа на своите забелешки за причините за аероагадувањето, партијата Левица бара од Владата повеќе мерки и активности:

– Мапирање и строго казнување на големите загадувачи, кои со години функционираат без реални санкции за нивното влијание врз животната средина;
– Гасификација на индустријата и домаќинствата, што ќе доведе до значително намалување на штетните емисии;
– Задолжително и бесплатно приклучување на колективните станбени згради и јавните објекти кон централниот систем на парно греење (Топлификација),
– Ревизија на начинот на трошење на средствата од т.н. Зелен фонд;
– Насочување кон планско лоцирање индустриски капацитети, фабрики, погони или постројки подалеку од градската зона (особено кон исток).

„Ги повикуваме надлежните инспекторати итно да излезат на терен и извршат проверка кај потенцијалните загадувачи,  што се согорува во индустриските капацитети и какво топливо користат истите, секаде каде што ќе бидат утврдени неправилности, неопходен е итен прекин на нивната работа“, порачуваат од Левица.

Од ВМРО-ДПМНЕ, како партија пак ценат дека Владата се обврзува на системско решение на проблемот со аерозагадувањето, од кое резултатите би се почуствувале по неколку години. Истовремено ја обвинуваат претходната влада дека во текот на седум години не преземале ништо за разрешување на овој проблем, што би се почуствувало денес.

„Загадениот воздух во градовите низ државата е сериозен проблем кој бара системски и долгорочен пристап за негово решавање. И првите резултати од преземените системски мерки би се почувствувале за некој период од среден рок, од неколку години.

Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ се обврзува на долгорочна и системска стратегија која реално ќе го намали загадувањето. За да се направи тоа, меѓу другото, потребно е промена на начинот на затоплување на домовите, а тоа подразбира наместо фосилни повеќе користење на еколошки горива, меѓу кои и централно затоплување.

За да се смени начинот на загревање на домовите, потребно е да се изградат гасни централи. Новиот начин на затоплување на домовите, истовремено, треба да биде достапен за сите граѓани.

Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ интензивно работи на изградба на такви гасни централи, а веќе има и заинтересиран инвеститор, а тоа е инвестиција за која реализација потребни се неколку години за да профункционира.

Гасната централа ќе обезбеди топлинска енергија со значително и драстично намалување на загаденоста и тоа ќе обезбеди, меѓу другото, и зголемена енергија која ќе се користи во стопанството“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ се наведува дека жално е што поранешната седумгодишна влада предводена од СДС и ДУИ не водеше сметка за амбиенталниот воздух и не направи ништо за намалувањето на загадувањето.

„Барем нешто да направеа сега, по седум години, веќе ќе ги чувствувавме првите резултати и Скопје немаше да биде лидер на неславните европските и светски листи по загаден воздух“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

 

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ