среда, 29 мај 2024

Парламентарни избори во Хрватска: Милановиќ го доведува во прашање речиси сигурниот трет мандат на Пленковиќ

Во Хрватска утринава се отворени гласачките места за парламентарните избори на кои право на глас имаат околу 3,7 милиони гласачи.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Гласачките места ќе бидат отворени до 19 часот кога завршува и изборниот молк.

Националните телевизии најавија дека веднаш по затворањето на гласачките места ќе ги објават резултатите од првите излезни анкети.

Станува збор за едни од најнеизвесните парламентарни избори благодарение на претседателот Зоран Милановиќ кој со неочекуваната најава дека ќе биде кандидат за премиер на опозицијата го доведе во прашање речиси сигурниот трет мандат на актуелниот премиер и претседател на Хрватската демократска заедница (ХДЗ) Андреј Пленковиќ.

Предизборните анкети предвидуваат дека ХДЗ ќе биде уверлив релативен победник, додека коалицијата на левиот центар „Реки на правдата“, која ја предводи Социјалдемократската партија (СДП) е на второ место.

Иако аналитичарите му даваат поголеми шанси на Пленковиќ да формира влада, ниедна партија нема да може тоа да го направи самостојно, па формирањето на владата ќе завиди од постизборните коалиции. Најважните партии од левицата и десницата најавија пред изборите дека нема да коалицираат со ХДЗ.

Од изборите кои пред неколку месеци беа многу предвидливи, со влегувањето на Милановиќ, познат по острата реторика и стилот, во изборната трка, тие станаа интересни и поинакви од сите досегашни.

Уставниот суд му забрани на Милановиќ да се кандидира за пратеник на листата на СДП, бидејќи не поднесе оставка како претседател. Иако поради забраната не учествуваше на предизборните митинзи на СДП, Милановиќ во речиси секојдневните изјави ги критикува ХДЗ поради низата корупциски афери, ги повика граѓаните да гласаат за која било партија освен за ХДЗ и Пленковиќ и најави дека како кандидат на СДП, чиј е поранешен претседател, ќе формира влада на национален спас.

Освен со премиерската кандидатура, Милановиќ јавноста ја изненади и со изборот на среда за одржување на изборите бидејќи речиси сите избори, освен во 2000, беа во недела. Поради изборите денес во Хрватска е неработен ден.

Право на глас на овие избори имаат околу 127.000 гласачи помалку отколку пред четири години, а за изборите се отворени околу 6.500 гласачки места. Со престој во Хрватска има 3,61 милион гласачи, а активно регистрирани гласачи во странство има вкупно 222.300, главно во соседна БиХ. Во странство се гласа два дена, а гласачките места беа отворени вчера.

На изборите се бираат 151 пратеник, од кои 140 во десет изборни единици во Хрватска, во секоја по 14 пратеници.

Тројца пратеници се гласаат во посебна, 11-та изборна единица, која ги опфаќа гласачите без престој во Хрватска, односно дијаспората. Во странство се гласа два дена.

Во 12-тата изборна единица се бираат осум пратеници на националните малцинства, од кои тројца се српски. Како и во претходните години, се очекува тие три места да ги освои Самостојната демократска српска партија која досега беше дел од владејачката коалиција на чело со ХДЗ.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ