„Формирање привремена преодна влада е единствено решение за надминување на кризата во која се наоѓаме од паѓањето на натстрешницата во Нови Сад. Освен нас што стоиме пред вас, за тоа зборуваа и вонпарламентарните организации ‘Тргни-промени’ и ‘Проглас’, така што постои широк консензус за начинот на кој можеме да излеземе од таа криза“, рече претседателот на Народно движење Мирослав Алексиќ на конференцијата за медиумите во Домот на Народното собрание. Алексиќ рече дека Народно движење на Србија уште на 4 февруари излезе со нацрт на концепт за преодна влада.
„Денеска имаме постигнато високо ниво на согласност, имаме согласност во врска со заедничкиот предлог, што значи дека опозицијата што стои пред вас има функционална соработка. Од денес тече рокот за формирање преодна влада, иако ние сметаме дека тој рок веќе почна и дека таа падна многу порано, кога (премиерот на Србија Милош- Вучевиќ поднесе оставка“, рече Алексиќ.
Според неговите зборови, власта го изгубила легитимитетот.
„Концептот на владата на народна доверба, чијшто суштински мандат е да обезбеди минимални услови за остварување на студентските барања и одржување фер и чесни избори, е следен: ќе трае најмногу до девет месеци и ќе има конкретни задачи“, објасни народната пратеничка на Зелено-левиот фронт Билјана Ѓорѓевиќ.