сабота, 27 јули 2024

Папата ги „искара“ светските лидери, директно ги нападна САД: Се приближуваме до точката од која нема враќање

Папата Франциско вчера ги искара светските лидери и ги повика да им се посветат на мерките за забавување на климатските промени пред да биде предоцна, предупредувајќи дека божјото дело, кое се загрева сè побрзо и побрзо, се приближува до „точката од која нема враќање“.

Објавено на

часот

Сподели

Во невообичаено мрачен додаток на неговата позната еколошка енциклика од 2015 година, Франциско го зајакна алармот поради „неповратната“ штета на луѓето и на планетата што веќе се случува и изрази тага што најсиромашните и најранливите ја плаќаат највисоката цена.

„Сега веќе не можеме да ја запреме огромната штета што ја предизвикавме и тешко дека имаме време да спречиме уште потрагична штета“, предупреди папата.

Римокатоличкиот поглавар директно ги нападна САД, велејќи дека таму емисиите на стакленички гасови по жител се двапати поголеми од Кина и седум пати поголеми во просек од сиромашните земји.

Иако, рече тој, индивидуалните напори на домаќинството помагаат, „можеме да кажеме дека големата промена кон неодговорен начин на живот поврзан со западниот модел ќе има значително долгорочно влијание“, додаде тој.

Документот наречен „Да го славиме Бога“ беше објавен на денот на празникот на Свети Франциско Асишки, истоименикот на папата познат по неговата љубов кон природата, и има цел да ги охрабри разните светски лидери да се договорат за обврзувачките климатски цели во следниот круг глобални климатски разговори во Дубаи под покровителство на Обединетите нации.

Користејќи прецизни научни податоци, остра дипломатска аргументација и теолошко расудување, Франциско тврдеше дека светот има морален императив што е можно поскоро да ги замени фосилните горива со чиста енергија, користејќи средства што се „ефективни, обврзувачки“ и кои може да се следат.

Папата жестоко ги нападна луѓето, вклучително и некои од Римокатоличката црква, кои фрлаат сомнеж врз научните тврдења дека гасовите со ефект на стаклена градина ги предизвикуваат климатските промени. Саркастично се пресметуваше со нивните аргументи, покажа дека нема трпение за нивниот профитерски менталитет, а тврдењата дека со преминувањето на чиста енергија ќе се загубат работни места ги нарече бесмислици.

Тој рече и дека зголемувањето на емисиите на стакленички гасови и зголемувањето на глобалните температури почнале со индустриската револуција и дека тие особено се забрзале во последните 50 години.

Според него, веќе не е можно да се сомневаме во „човечкото потекло на климатските промени“.

Иако констатираше дека „одредени апокалиптични дијагнози“ можеби не се добро втемелени, тој посочи дека веќе не е опција да не се прави ништо и дека уништувањето е веќе почнато и дека некои последици, како оние за биолошката разновидност, веќе не можат да се отстранат и ќе се претворат во лавина доколку веднаш не се преземе акција.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ