„Со отворањето на Светата врата започнавме нов Јубилеј: секој од нас може да влезе во тајната на оваа најава на благодатта. Ова е ноќта кога вратите на надежта ширум се отворија кон светот, ова е ноќта кога Бог ни говори на сите: Има надеж и за вас“, рече папата Франциско, кој на настанот пристигна во инвалидска количка.
Својата проповед во вторникот, на Бадник според Грегоријанскиот календар, Папата ја посвети на земјите погодени од војни и сиромаштија, испраќајќи им порака на надеж на присутните, пренесува Анса.
„Во овој свет има многу пустош, помислете на војните, на децата со митралези, на бомбите на училиштата и болниците“, рече папата.
Тој истакна дека „христијанската надеж не чека нешто да се случи и не е пасивно чекање“ и „не ја трпи мрзеливоста на оние на кои им е удобно и лажната претпазливост на оние кои се плашат да не се компромитираат“, според РАИ. Папата истакна дека христијанската надеж повикува на храброст за да се исполни ветувањето за мир. „Влегуваме во време на милост и простување, за патот на надежта да се отвори за сите. Никогаш не треба да се умориме да сонуваме за мир и правда“, рече папата Франциско.
Јубилејот, познат и како Света година, во католичката традиција е време посветено на промовирање на светоста на животот, зајакнување на верата, поттикнување на солидарноста и братското единство и „поканување и охрабрување на верниците на поискрен и кохерентен интерес во верата во Христос Спасителот“, наведува РАИ.
Тоа е година на помирување и преобраќање, во текот на која Католичката црква дава посебни простувања, стекнати преку дела на побожност, покајание и милосрдие. Јубилејот обично трае од Грегоријанскиот Божиќ (24 декември вечерта) до Богојавление (6 јануари) наредната литургиска година, а овој јубилеј ќе заврши на 6 јануари 2026 година.
Јубилејот може да биде обичен, врзан за однапред одредени рокови или вонреден доколку е најавен по повод некој настан од особено значење, а последната вонредна „година на милосрдието“ беше обележана во 2016 година, по наредба на папата Франциско.