„Не можеме никако да прифатиме бомбардирање цивили. Не можеме да прифатиме деца да се смрзнуваат до смрт бидејќи се уништени болниците и енергетската мрежа на земјата“, истакна папата во годишното обраќање во Салата на благословите, пред амбасадорите акредитирани во Ватикан, пренесува Ројтерс. Тој оцени и дека заканата со светска војна е „сè поконкретна“ и го повтори повикот на прекин на огнот, ослободување на израелските заложници во Газа и испорака на хуманитарна помош на Палестинците.
„Се надевам дека Израелците и Палестинците можат повторно да градат мостови на дијалог и меѓусебна доверба, почнувајќи од најмладите, за генерациите кои доаѓаат би можеле да живеат една покрај друга во две држави, во мир и безбедно, а Ерусалим да може да биде „град на средбите“, каде христијаните, Евреите и муслиманите ќе живеат заедно во слога и почит“, истакна папата.