петок, 17 јануари 2025

Паневропска унија: Да го поддржиме проширувањето на ЕУ и да ја воведеме Македонија, неоправдано е порекнувањето на македонскиот јазик и идентитет

Да пратиме силна и јасна порака, Македонија е зрела и подготвена земја за брзо почнување на пристапните преговори и за полноправно членство во ЕУ. Македонија може да послужи како модел за други земји во Југоисточна Европа, покажувајќи дека патот кон европската интеграција е остварлив, рече денеска генералниот секретар на Меѓународната паневропска унија, Паво Баришиќ на меѓународната конференција „Бизнис дипломатијата-начин за раст на економијата и меѓународната соработка“. 

Објавено на

часот

Сподели

Баришиќ критички истакнува дека „неоправдан е едностран пристап што му го порекнува правото на македонскиот народ на свој јазик и идентитет и со кој се тврди дека македонската нација е создадена по вештачки пат“.

„Според таа логика, може да се постави прашањето – ‘која нација во Европа не е ваштачка?’. Ако се следи таквата перспектива, тоа ќе отвори бројни спорови меѓу Австрија и Германија, Белгија и Холандија, Шведска и Норвешка и тој список може да продолжи уште подлабоко во далечното минато. Да пратиме силна и јасна порака, Македонија е зрела и подготвена земја за брзо почнување на пристапните преговори и за полноправно членство во ЕУ. Македонија може да послужи како модел за други земји во Југоисточна Европа, покажувајќи дека патот кон европската интеграција е остварлив“, потеннцира генералниот секретар на Меѓународната паневропска унија, Паво Баришиќ.

Како што напомена Баришиќ, програмата за европско обединување на Паневропска унија стави крај на таквите бесмислени спорови и и овозможи на ЕУ да се етаблира како најуспешна мирна сила во светот повеќе од седум децении. Поминаа две децении, потсети, откако Македонија доби статус на земја кандидат за членство, но, напредокот е забавен од бројни пречки.

„Земјата покажа дека таквите пречки може да се надминат преку одржување добрсоседски односи. Граѓаните на оваа земја разрешија долгорочни спорови со Грција и веруваме дека истото ќе го постигнат и со Бугарија. Оваа конференција е одлична можност да се реафирмира неопходноста од зајакнување и забрзување на преговорите за членство на Македонија во ЕУ, а „граѓаните од оваа земја го заслужија тоа преку нивниот значаен приднес кон мирот и стабилноста во Југоисточна Европа“. Зајакнувањето на европската безбедност и дипломатија е во сечиј интерес и да и се посака добредојде на Македонија во ЕУ ќе придонесе кон таа цел. Ајде да го поддржиме проширувањето на ЕУ со тоа што ќе ја воведеме Македонија, а се разбира и другите земји од ЈИЕ кои аспирираат кон мир и стабилност. Овде денес гладам паневропски пријатели од Бугарија и се надевам дека ќе можат да доведат и да го олеснат изнаоѓањето решение на овој необјаснив спор“, истакна генералниот секретар на МПУ.

Тој претходно ја пренесе и пораката од претседателот на Меѓународната паневропска унија, Ален Терeноар.

„Кој можеше да разбере дека Словенија, поранешна југословенска република, е полноправна членка на ЕУ повеќе од 20 годиниа, а Македонија, уште една таква република од истата федерација, сè уште чека да биде примена. Паневропската унија смета дека ова е неразбирливо и неприфатливо, исто како што не може да прифати дека други земји кандидатки од ЈИЕ остануваат во чекалната на ЕУ. Во време на растечките глобални закани, Европа мора да дејствува како сила и да ги заштити своите легитимни интереси кои се од темелно значење за нејзината независност што, исто така, е причината поради која ЕУ мора да ги реформира своите институции за да постигне вистински демократско,и ефективно и одговорно управување“, истакна Баришиќ.

Генералниот секретар на Меѓународната паневропска унија ја пофали земјава дека има амбициозна и проактивна дипломатија посветена на придвижување на евроинтеграцискиот процес.

Како бизнисот и дипломатијата може да си помогнат и колку е важна инфраструктурата за остварување на таа цел, се прашањата во фокусот на денешната меѓународна конференција што се одржува во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија во Скопје. Покрај Баришиќ, воведни обраќања имаа и амбасадорот Андреј Лепавцов, претседател на Паневропската унија на Македонија, министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, заменик претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски, како и Карло Реслер, пратеник во Европскиот парламент и претседател на Заедничкиот парламентарен комитет ЕУ – Македонија.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ