четврток, 2 јануари 2025

Панел-дискусија за негативниот извештај за Судскиот совет: За владеење на правото и највисоките судски органи треба да одговараат пред законот и Уставот

На денешната панел-дискусија на тема, „Негативниот годишен извештај за работата на Судскиот совет и потребата од реформи во правосудниот сектор во Македонија“ учествуваше пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Иванка Василевска, која се осврна на надлежностите и работата на Судскиот совет и потенцираше дека претставува суштинска спојница која ја одразува независноста на судството и затоа таа е загарантирана и со Устав.

Објавено на

часот

Сподели

Пратеничката посочи дека во изминатиот период јавноста бурно дебатирала поради одредени прашања и дилеми кои директно ја засегнале независноста и нетранспарентноста на Судскиот совет.

„Во изминатиов период јавноста доста дебатираше на темите коишто се поврзани со една од најзначајните судски инстанци во Македонија, од причина што се појавија многу дилеми и прашања кои директно засегнаа во прашањето за независноста и нетранспарентноста, како од избирањето на членовите на Судскиот совет, така и во однос на решавањето на горливите прашања“, рече Василевска.

Василевска објасни дека она што му е потребно на македонското општество е да почне да се работи по словото на законот и посочи дека 72% од судиите не веруваат дека Судскиот совет успешно ја штити судската независност.

„Она што му е потребно на македонското општество е дека ние треба да почнеме да работиме по словото на законот. Приближно 72% од судиите не веруваат дека Судскиот совет успешно ја штити судската независност и не веруваат дека унапредувањето на судиите се врши според објективни, мерливи и правични критериуми“, објасни Василевска.

Василевска укажа дека граѓаните се убедени дека политичките елити имаат директно влијание врз работата на органите на правосудството и нагласи дека во времето на владеењето на СДС и ДУИ имало директно мешање во работата на правосудството.

„Граѓаните се силно убедени дека политичките елити имаат директно влијание и се мешаат во работата на судиите и јавните обвинители. Ние во периодот на претходното владеење на СДС и ДУИ видовме дека за изјави во медиуми, или за одредени наводи кои протекуваа во јавноста повремено обвинителството имаше директна комуникација со извршната власт и од таму добиваше нарачки“, објасни Василевска.

На истата панел-дискусија, учество зема и државниот секретар во Министерството за правда, Дајанчо Ефтимов, кои потсети дека во минатото имаме видено дека имало сомнежи за одредени постапки, како и фалсификување на записници од самото работење на Судскиот совет.

„Со тоа, покрај целокупното воспоставување на системот на контрола и надзор над работењето на судиите кои тие треба да бидат капата на правосудниот систем и треба да ги мониторираат работењето на судовите и судските инстанци, тие се предмет на обвинувања дека кај нив постои несоодветно постапувања и неприменување на законите. Со овој извештај, всушност станува збор за еден статистички извештај, можат да се видат само бројки и податоци во однос на постапувања на предмети, каде немаме никакво суштинско решавање на проблемите и воспоставување на систем на надзор и контрола за подобрувања на состојбите во правосудниот систем“, кажа Ефтимов.

Ефтимов посочи дека членовите во Судски совет прават параван зад кој се затскриваат многу други постапки и додаде:

„И да не постои овој извештај, целата македонска јавност, а и меѓународна заедница е свесна што се случува и на очи на целата јавност имаме факти и докази за конкретни случаи што истите не преземаат за воспоставување на владеење на правото во Република Македонија“, укажа Ефтимов.

Ефтимов потенцираше дека на секој треба да му е јасно дека е подложен на законите и за истото ќе одговара.

„Доколку сакаме во Република Македонија да имаме владеење на правото, тогаш секој еден поединец кој е во овие органи треба да има јасна претстава дека и највисоките правосудни органи се подложни на законите и позитивните законски прописи и истите ќе одговараат пред законот и Уставот на Република Македонија. Сето она што е вметнато во самиот извештај е отсликување на состојбата“, дециден е Ефтимов.

Ефтимов истакна дека реакцијата на поединци во правосудните органи е всушност лична заради нивна вмешаност во нешто што направиле.

„Реакцијата од страна на поединци во правосудните органи дека се врши мешање на властите во правосудството, е всушност кај оние кои се засегнати лично бидејќи направиле нешто што не треба да го направат. Тие се свесни за тоа и затоа оној одбранбен механизам на противење на реформи во правосудниот систем го ставаат под тезата дека тоа е мешање во судската власт“, заклучи Ефтимов.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ