сабота, 27 јули 2024
Во понеделник ќе се случи премиерата на „Патот на Кобра до ѕвездите“,

Панчев: Документарецот е круна на сè што сум направил во кариерата

Објавено на

часот

Сподели

„Патот на Кобра до ѕвездите“, ова е насловот на документарниот филм посветен на најголемото фудбалско име во македонската историја, Дарко Панчев. Под генерално покровителство на Универзитетот за туризам и менаџмент, сега со ново име Универзитет Скопје, овој филмски документ со историска вредност за македонскиот спорт е во организација и копродукција на Спорт клуб телевизија, Спортско радио 90,3 и Спорт нетворк продукција.

„Историја испишуваат многу луѓе, јас сум почестен што заедно со Дарко Панчев создадовме документарен филм за идните генерации. Ова е филмски проект за македонската спортска историја. Дарко Панчев е македонска ѕвезда, кој ја заслужува целата слава“, порача ректорот проф. д-р Аце Миленковски.

„Патот на Кобра до ѕвездите“ е филм за подемот на македонскиот спортски бренд Дарко Панчев до европскиот и до светскиот трон. Панчев е еден од најдобрите голгетери на светот во осумдесеттите и на почетокот на деведесеттите години на минатиот век и еден од најпознатите македонски спортисти во историјата. Тој е носител на Златната копачка за најдобар стрелец во Европа и на Сребрената топка за најдобар фудбалер. Прогласен и за фудбалер на Македонија на 20. век, вистинска гордост на македонскиот спорт.

„Убаво е на младите генерации да оставаме нешто на кое ќе може да се потсетат. Се надевам дека од ова поднебје ќе има такви напаѓачи кои ќе ги достигнат големите достигнувања како во мојата кариера. Тука се и Сребрената топка, Златната копачка.. кои се сон на секој голгетер. Драго ми е што како Македонец сум го остварил тоа во редовите на белградска Црвена Звезда, која беше меѓу најмоќните тимови во светот. Тоа ќе остане дел од историјата на која ќе се сеќаваме“, вели Панчев.

„Има многу голови во мојата кариера и рекорди кои сум ги поставил со нив. Сметам дека голгетер не смее да бира кој гол му е убав, а кој не. Тој гледа да даде што е можно повеќе голови. Кај мене пример, почнувајќи од тој гол од пенал за европска титула, па голот на Вардар со Железничар во Скопје, па за репрезентацијата… Секој ми е драг. Мможе да направите се што сакате, но документарец се прави само ако имате што да прикажете и кажете во него. Овој документарец секако дека е круна на се што се случи во мојата кариера. Исто така се работи и на моја автобиографска книга. Драго ми е што луѓето се сетија да ја искористат целата моја богата кариера и да направат еден интересен филм“.

Од Спорт клуб рекоа дека создале филм за детството на Дарко, неговиот раст и фудбалски развој за патот до успехот, и не само според неговите сеќавања, туку и сеќавањата на многу други личности, негови блиски и од неговото окружување.

„Дарко е многу благодарен соговорник, но и многу незгоден затоа што се сеќава на многу детали. Просто е неверојатно како Дарко се сеќава на сѐ од неговата фудбалска кариера, затоа и со самото тоа ни беше навистина лесно, но во исто време малку и понапорно да собереме сѐ   на едно место, и во секој случај, да создадеме, мислам, навистина прекрасен документарен филм, кој засекогаш ќе сведочи за една големина каква што е Дарко Панчев“, истакнаа од Спорт клуб творците на документарниот филм за македонскиот фудбалер на векот.

Филмот, преку гостувања на истакнати спортски и јавни личности, како и на самиот Панчев, ја раскажува неговата животна приказна на фудбалските терени, до врвот на светскиот фудбалски трон. Снимањето е направено на повеќе локации во Скопје, Белград, Сараево, Загреб, Букурешт, Подгорица, во времетрање од два месеца со повеќе од 40 личности од светот на фудбалот, културата и од јавниот живот.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ