сабота, 27 јули 2024

Панче Манчевски (1946-2023): Замина банкарот кој беше на чело на некогашна ИК банка и прв директор на Агенцијата за санација на банки

Објавено на

часот

Сподели

Панче Манчевски беше роден во Велес во 1946 година, каде по војната неговите родители биле испратени да ја извршуваат својата учителска дејност. Тој своето школување, работа и целиот свој живот ги помина во Скопје.

Првиот забележителен личен ангажман го имал уште во гимназиските денови (Гимназија Јосип Броз Тито), како еден од основачите на гимназиското гласило ЕХО 4, а за време на студентските денови и преку неговата ангажираност во Студентски збор и списанието „Фокус“. Како што велат неговите најблиски, тој уште како адолесцент почнал да ги покажува своите менаџерски способности, обезбедувајќи финансиски средства за печатење на ЕХО 4 и „Фокус“.

Манчевски дипломирал на Економскиот факултет при Универзитетот „Кирил и Методиј“ во Скопје во 1970 година. По дипломирањето заминува за Англија каде на Универзитетот во Брадфорд магистрирал со тезата „Економските ефекти на странските директни инвестиции во југословенската економија“.

Иако од неговиот ментор добил понуда да остане и на докторски студии, тој одлучува да се врати во Македонија, каде што кратко време работел како новинар во Македонската радио телевизија, како и во „Интеримпекс“ и во „Алкалоид“.

Потоа преминува во меѓународната финансиска корпорација со седиште во Загреб, како соработник на тогаш познатиот банкар Трајан Ивановски, со задача да ги обезбедат условите за странски директни инвестиции.

Професионалната кариера потоа ја продолжува како директор на македонската подружница на ЈИК Банка Белград, која во 1991 година по монетарното осамостојување, беше мост помеѓу стопанството на Македонија и Србија (преку централата на ЈИК Банка во Белград).

Потоа, Манчевски ја предводи ЈИК Банка низ сите трансформации до регистрацијата на ИК Банка како самостојна банка. ИК Банка е основана како самостојна институција во 1993 година. Тој останува главен извршен директор на банката до продажбата на банката и неговото заминување во пензија во 2008 година.

Во времето по осамостојувањето на Македонија бил еден од основачите на Фондацијата отворено општество, а бил и член на Управниот одбор на оваа фондација во периодот на нејзиното формирање во 1992, како и во 1993 година.

Во 1994 година беше назначен од страна на Владата на РМ за прв директор на новоформираната Агенција за санација на банки, како важна алка во процесот на санација на банкарскиот систем на Македонија и која што ги презеде лошите (ненаплатливи) побарувања од банките кон 300 трговски друштва и јавни претпријатија.

Манчевски како прв човек на ИК Банка активно учествуваше во формирањето на Македонската Берза АД Скопје, во 1995 година, како основна институција околу која се градеше домашниот пазар на капитал. Банката е основач брокерската куќа БРО-ДИЛ АД Скопје, која долги години беше успешна и активна членка на Берзата, како и нејзин значаен акционер. Тој во 2007 година ја извршуваше и функцијата на неизвршен член на Одборот на директори на Македонска Берза АД Скопје.

БРО-ДИЛ, под директно менторство на Манчевски, беше еден од основачите на Централниот депозитар на хартии од вредност во 2001, а бил и член на Управниот одбор на оваа институција во периодот од 2001-2005 година.

ИК Банка е една од првите банки со акционерски капитал (30 отсто) на Европската банка за обнова и развој (ЕБРД) со седиште во Лондон (заедно со Комерцијална и Стопанска банка), а под негово раководство е првата банка во Македонија која се здобива со ИСО 9001 сертификатот како и првата банка која го добила сертификатот ИСО 27001. Банката и тој лично добиваат повеќе домашни и меѓународни признанија и награди: во 2005 година ИК Банка е еден од добитниците на наградата за зголемување на производството, продуктивноста и економичноста во работењето, доделено од страна на Стопанската комора на Македонија. Од Комората добива уште една награда во 2007 година, но овој пат како „Менаџер со постигнати особени резултати во унапредувањето на организацијата на работењето, производството, прометот и услугите, најмалку три години едноподруго“.

Исклучително важно признание е наградата од страна на „Глобал Фајнанс“ во 2007 година, која ја добива ИК Банка, како најдобра СМЕ Банка, награда која на банката ѝ беше доделена во Лондон истата година. Во истиот временски период банката добива награда од страна на ВИСА за најиновативна банка, но и награди од страна на КФВ и ГГФ за најуспешно имплементирани проекти за кредитни линии.

Во периодот од 1993 година до неговото пензионирање во 2008 година Манчевски беше признат банкарски авторитет, кој со своите визионерски, иновативни и економски издржани решенија и проекти, остави неизбришлив белег во работењето на банкарскиот сектор во Република Македонија.

Тој беше голем љубител на културата и спортот, па несебично финансиски, не само преку спонзорства, туку и лично, ги помагаше спортските клубови и натпревари, а во културата ги поддржуваше издаваштвото и многубројните културни настани.

Неговите најблиски велат дека Манчевски имал и едно хоби, односно пасија, а тоа е филателијата, па во периодот од 2002-2005 во два наврати беше и Претседател на сојузот на филателисти на Македонија.

Зад себе ги остави сопругата, синот, ќерката и неговите четири внуци.

Извор: Независен

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ