сабота, 27 јули 2024

Палчо ја убил Вања и избегал

Љупчо Палевски-Палчо бил сторителот на убиството на 14-годишното девојче Вања Ѓорчевска. Веројатно тој го убил и велешанецот Жежовски. Палевски избегал од Македонија, преку Белград, заминал во Бугарија и тука му се губи трагата. Со него бил и неговиот адвокат, соопштија денеска министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и обвинителот Гаврил Бубевски.

Објавено на

часот

Сподели

Според нивните искази, групата не успеала да ја реализира изнудата, не стигнале да побараат пари од мајката.

Која е поврзаноста на двете убиства – на Панче Жежовски (74), велешкиот фризер, и девојчето од ОУ „Ј.Х. Песталоци“ во Скопје? Според изјавите на Спасовски и Бубевски, се работело за долг на Жежовски од 500 евра кон групата на Палевски, за што му било одземено возилото „ситроен“. Според првичните сознанија, и тој бил убиен од Палевски и закопан во близината на Велес.

Со тоа возило на 27 ноември било киднапирано девојчето, кое со врзани раце и нозе, во вреќа за спиење, било пикнато во багажникот и пренесено во близина на скопското село Орман. Три часа подоцна таму било убиено со пиштол и закопано. Потоа возилото било запалено.

Сите овие детали биле потврдени од сведочењата и пред полицијата и пред обвинителите на тројцата приведени, кои биле дел од групата на Палевски .

Мотивите за целата оваа операција била изнуда на пари од мајката, која наводно неодамна продала некој стан. Палевски се познавал со таткото на девојчето, Александар, кој ги дал информациите за тоа кога и како може ќерка му да биде грабната.

Љупчо Палевски-Палчо е поранешен сопственик на градежна компанија (Упа ентерпрајз), сопственик на неделникот Старт и на локална ТВ-станица, поранешен претседател на градската организација на СДСМ во Скопје… Тој беше во екстрадициски притвор во Белград. Во септември 2020 година беше приведен на белградскиот аеродром на пат кон Москва, а по осум месеци, повторно беше пуштен на слобода, по што се вратил во Македонија. Тој беше уапсен по потерница на Хрватска, за некаков наводен долг на негова фирма во таа земја.

По враќањето во Македонија станува и политички активен, основајќи ја партијата Десна. Беше редовен соработник и водител на поткасти на порталот Инфомакс.

На 5 мај годинава, според билтенот на МВР, Палевски бил фатен заедно со уште три други лица како бара злато, а се обидел да го фрли пиштолот за кој имал само дозвола за поседување, не и за носење. Во непосредна близина на тунелот Демир Капија-Јаворица, полициски службеници од полициската станица за граничен надзор Михајлово при Регионалниот центар за гранични работи Југ од лицето Љ.П. (58) од Скопје одзеле пиштол „валтер“ калибар 9 мм, кој го носел без дозвола, стои во билтенот на МВР.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ