Одбраната на обвинетите и обвинетите беа дојдени на расправата, а дел од нив беа спроведени со полициска придружба од Охрид и од Струга, каде што издржуваат казна затвор или куќен притвор.
Ова е четврто рочиште коешто се одложува во предметот и покрај тоа што помина еден месец откако новиот изменет Кривичен законик стапи на сила, а со неговото стапување настапи застареност на предметот.
Адвокатот Љупчо Шврговски посочи дека со одлуките на судот да ги прифаќа барањата на ЈО за одложување, го става обвинителството во привилегирана позиција како странка во постапката и покрај тоа што е неиздржано образложението дека заземале правен став по предметот.
„Никаде во ЗКП нема подвоеност на улогите за едната страна да биде привилегирана до тој степен за да може по четврти пат да одложува ваква расправа за обвинение за кое е настапена застареност и нема потреба да се разгледува“, реагираше Шврговски, според кого ова обвинение досега требало да биде повлечено.
Тој директно го праша судот зошто му удоволува на ЈО и дали истото би ѝ било дозволено на одбраната. Според Шврговски, не е добро за интегритетот на судот тој да не реагира кога по четврти пат се одложува рочиште на барање на ЈО. Во име на одбраната, тој побара по член 402 судот да донесе одбивателна пресуда.
Шврговски смета дека во случајот грубо се злоупотребуваат права кои по ЗКП и не му следуваат на обвинителството, напоменувајќи дека доколку продолжи ваквата практика, одбраната ќе биде принудена да бара заштита на своите права пред Судскиот совет.
Судот посочи дека не може да постапи поинаку, освен да го извести обвинителството за следното рочиште и да го предупреди дека ќе бара казна доколку повторно не се појави никој.
Предметот Таргет-Тврдина се суди по втор пат во Кривичниот суд, откако Апелацискиот суд го врати со забелешка дека во првото судење не била добро утврдена фактичката состојба, односно изведените докази дека не успеале надвор од разумно сомневање да ги потврдат тезите на ЈО за прислушувањето.
Во овој предмет обвинети се бегалци во Грција, Горан Грујевски и Никола Бошкоски, поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков, неговиот шеф на кабинет Тони Јакимовски и поранешната министерска за внатрешни работи Гордана Јанкулоска.