Да почнам од вториот повод. Имено, неодамна излезе од печат книга (кај реномиран меѓународен издавач), чиј автор е млад и извонреден српски политиколог со лева провениенција, Филип Балуновиќ. Насловот е „Преродбата на левицата на Балканот: контрахегемонистичкиот активизам и идеите што го поттикнаа“. Кога ќе ја отворите, веќе на прв поглед стекнувате впечаток дека иако се зборува за Балканот, всушност регионот како да престанал да постои во интелектуалниот и академски хоризонт на помладата генерација научни работници (па и левичари). Така, и авторот се фокусира само на случувањата и тенденциите во т.н. триаголник Србија-Хрватска-Босна и Херцеговина. Останатите делови од бивша Југославија се споменуваат попатно, без анализа.
Но, и посеопфатното пребарување на научни или стручни трудови за левите сили или левичарската идеологија во Македонија дава повеќе од скромни резултати. Наспроти емпириската стварност која покажува подем, барем ако тој се гледа преку објективните показатели за растот на политичката партија Левица (од 2015-2025), теориската размисла заостанува. Тука, секако, не ги вбројувам колумните, интервјуата или кусите коментари по домашни и странски медиуми (уште помалку препукнувањата), на кои им недостасува теориска и методолошка длабочина. Но, затоа негативните, пежоративни па и сериозни дискласификации (за наводен фашизам, национализам, популизам и сл.) доминираат во јавниот дискурс. Партијата, иако веќе вторпат по ред е парламентарна, останува без вистински пристап до националните (меинстрим) медиуми за да ги образложи своите ставови и предлози. Во парламентарната битка веќе се издвојува како „единствена вистинска опозиција“, како што ја нарекуваат некои. Неодамна ја извојуваа првата парламентарна битка во иницијатива за интерпелација – но, и во овој случај заслугите ги присвоија други.
Кон крајот на 2024 година, заедно со кинески колега, почнав да работам на подолга научна статија (на англиски јазик) со наслов „Левицата во Македонија: пречки и можности за преродба“. Ако се прашувате зошто баш кинески професор, тогаш одговорот е многу едноставен: јас ја имам експертизата за состојбата во земјата и регионот, а тој доаѓа од земја која ја живее левичарската идеологија. Кина, секако, не е единствена комунистичка/социјалистичка држава; покрај неа, на листата се наоѓаат и Куба, С. Кореја, Виетнам и Лаос. Поентата ми е: социјализмот не е покоен, како што овде се тврди. Во различни околности, во специфични варијанти и со различни резултати – но, социјализмот е возможен! Иако доминира тезата дека т.н. Втора студена војна (меѓу САД/Западот и Кина) нема идеолошка основа како Првата, сепак таа е дискутабилна и заслужува поголема дебата. Ова е особено точно ако се земе предвид фактот дека неолибералната/капиталистичка идеологија и пракса е во длабок политички, економски и морален пад. Тековната турбо милитаризација на ЕУ (под палката на САД и нивниот извршител Руте) и геноцидот во Газа се иницијални причини да зборуваме за историски „момент 1939 година“. Од друга страна, левицата јакне во т.н. Глобален југ, но и во делови на Европа иако со навидум побавно темпо. Но, како што вели британската комунистичка активистка Џоти Брар, западниот капиталистички механизам е оној кој го контролира наративот и за минатото и за иднината, па оттука сè што е поврзано со искуствата или денешните успеси на левите сили се демонизира или потценува. За само триесет години дури и во нашиот регион, достигнувањата на претходниот социјалистички систем се табу тема. Единствена (квази) идеологија – која се граничи со религиозна догма – е онаа за доблеста и придобивките од влезот во НАТО и ЕУ. На глобален план, малкумина го поставуваат ова едноставно прашање: ако е капитализмот суштествено поврзан со неолибералната демократија како е тогаш можно, после сета доминација од „крајот на историјата“ (на Фукујама) до денес светот постојано да се доближува до работ на глобална војна, еколошка девастација и дури нуклеарен армагедон? Ако маршот на демократијата носи само демократија и универзални вредности, каде се тие вредности токму во старите демократии? Како е можно Доналд Трамп (или од истите причини, Џо Бајден) да се нарекуваат демократски лидери, кога целото општество е во рацете на еден процент од олигархијата?
Во оваа прилика ќе се обидам да направам само кроки на темата за левите сили во Македонија. Статијата што ја споменав ја сметам само за почетен чекор кој можеби еден ден ќе резултира со подлабока студија за тоа како во т.н. период на транзиција левата идеологија во Македонија успеа да преживее наспроти доминацијата на неолибералниот наратив и кои се нејзините перспективи. Ова не е само прашање кое задира во политичката наука и анализа, туку е суштествено бидејќи алтернативата на социјализмот е варварството (да, да, она што го гледаме секаде каде што ќе стапне американска чизма или израелска, во последните година и половина).
Начелно, се разбира, се соочуваме со прашањето што е левица (со мала буква) во современиот македонски политички спектар. Најголемата забуна настанува кога наметка на левичари си ставаат политички сили и актери кои немаат ништо заедничко со левиот дел од идеолошкиот спектар. Така, на пример, неодамна на еден популарен портал беше објавена статија за левицата, а притоа стануваше збор за демократскиот дел од политичкиот пејзаж на САД (т.е. тамошните демократи беа опишани како левичари – без наводници). Таквиот имиџ може да се протолкува и како дел од колатералната штета која ја нанесе т.н. воук идеологија на Демократите. Таа им даде деформирана визура на многу концепти како што се идентитетот, човековите права, слободата на медиумите, итн. Но, тоа е тема за друга расправа.
Овде на Балканот, и во Македонија, идеологијата како да е избркана од академскиот и интелектуалниот дискурс. Всушност, таа отсуствува и во политичкиот и партискиот живот, во најголем број случаи. Идеологизираната претстава на ЕУ очигледно не е родена органски од самото општество, туку е наметната како некаква политичка и морална вертикала по распадот на социјализмот (и на СРФЈ). Поточно, од моментот кога Западот почна да го гледа регионот како земја на дивјаци и примитивци кои треба да се третираат како инфантилни и да им се покаже патот. „Европската идеологија“ (или идолатрија) требаше да го пополни вакуумот во ерата на транзиција од комунизам/социјализам кон… Да, прашањето, гледано од денешна перспектива е: транзиција кон што? Познатиот хрватски филозоф Борис Буден го дава одговорот во насловот и содржината на својата брилијантна книга кога вели дека е тоа транзиција кон едно големо ништо. Од капиталистичкиот триумфализам (овековечен од Фукујама во 90-тите години на 20 век) не остана ништо ниту на Балканот, уште помалку на глобален план. Либерализмот е во длабока криза – не се знае каде е полоша, дали на оваа или онаа страна на Атлантикот. Терапиите и реформите на Балканот резултираа со бришење на секаква помисла за народен суверенитет, партиципативна демократија или идеологија, ами со етаблирање на режими кои се нарекуваат стабилократии. За ваквите режими настанати или помогнати од надворешните фактори единственото важно е геополитичката ориентација и примената на „рецептите“ и барањата од Брисел или Вашингтон. Кога домашните процеси се покажуваат неуспешни, виновникот секогаш се бара во „локалците“ кои не биле доволно чесни или компетентни да го разберат она што им се кажува од Западот. Не мал број амбасадори и високи западни функционери зборуваат отворено за потребата од менување на „менталитетот“.
Но, западните терапии не ги дадоа посакуваните резултати и покрај сета еуфорија на почетокот од т.н. транзиција. За тоа дополнително придонесе и внатрешната криза на капитализмот, особено по 2008 година, но и севкупната милитаризација (преку 700 воени бази на САД ширум светот шират „демократија“). Но, последиците од создавањето на капиталистичко општество врз урнатините на социјализмот, заедно со новата класа на богаташи (што би рекол Маркс, првобитна акумулација на капиталот) беа девастирачки. Не само заради криминалната приватизација и „трансформација“ на општествената сопственост, туку и заради серија внатрешни и надворешни фактори, најголемиот дел од општеството ја загуби социјалната сигурност, па дури и некои социјални и еманципаторни елементи својствени за социјализмот и неговата напредна агенда. Социјалниот колапс постепено доведе до пораст на незадоволството одоздола, па првите фиданки на идните социјални/социјалистички (во суштина, левичарски) иницијативи и движења се појавуваат инцидентно, како реакции на едно или друго социјално прашање. Тоа е истовремено и фаза на (наводен) процут на повеќепартиската демократија. „Црвените“ стануваат озлогласени, па така дури и поранешниот СКМ (денешен СДСМ) набргу се ребрендира во социјал-демократска партија, па дури и себе си се нарекува „најдржавотворна партија“. Неколкуте партии кои ги задржуваат левите традиции на работничкото движење и марксистичката идеологија остануваат целосно маргинализирани. Посебен феномен е Социјалистичката партија, која се формираше од поранешниот ССРНМ (Социјалистички сојуз на работниот народ на Македонија), но успеа со „бракови од интерес“ и префрлање од еден во друг камп да остане дури и во владејачките структури. Останатите политички партии како да се натпреваруваат во тоа колку поблиску ќе се позиционираат до т.н. „политички центар“. Таквиот центар создава блендирање, микс на елементи и од десната и од левата страна на политичкиот спектар, за да сè на крајот заврши како политичко „смути“. Најнов изданок на ваквиот микс е на пример новата партија „Знам“, која ги собра незадоволните членови на СДСМ – но не собра храброст себе да се определи идеолошки. Уште полош е случајот со партиите од албанскиот блок, кои и не се заморуваат со идеолошки тези сè додека етнотрибализмот и воинственото минато им носат политички поени и седишта во власта.
Парадоксално е, но во Марксова смисла точно, дека семето на деструкција на „новиот либерален систем“ и појавата на денешните леви сили го создаде токму компромитираната и корумпирана конверзија на бившите „комунисти“ од СКМ, уште кога ја добија моќта да ја водат независната македонска држава. Тие станаа буржујски демократи, оние за кои пишуваше Маркс во своите дела. Она што тие го носеа заораа, а нивните божем политички противници го потхрануваа, мораше да дојде до логичен крај: длабока социоекономска криза, која притоа доби и етнички елементи, што само ја влоши состојбата на сите работни слоеви (патем, средниот слој и исчезна, а јазот меѓу тие што имаат многу и оние кои едвај преживуваат постојано се продлабочува). На тоа, секако, се надоврзува и притисокот на геополитиката и империјалниот неоколонијален третман на западните стејтбилдери/ментори. Со тек на времето левиот активизам почна да ги бара и наоѓа своите изразни средства и методи на борба и акција, најнапред во одредени слободни „џебови“ во општеството, од универзитетите („Слободен индекс“) до синдикалните и социјалните кругови кои се формираа во релативно трајни структури и движења. Најважната карактеристика е што наместо „старите“ (или искусните) левичари да ја продолжат борбата за социјална правда, таа мисија ја преземаа помладите. Со тек на времето тие себе (со право) се нарекоа „деца на транзицијата“. Овој феномен на многу соодветен начин го објасни колегата Трајче Стојанов во истоимена колумна објавена на порталот Фактор во октомври 2015 година (фактички еден месец пред објавата на формирањето првата партија на крајната левица во Македонија): „Прво, нас останаа да нè воспитуваат и образуваат генерациите на кои системот во кој веруваа им се распадна пред очи. Замислете ја генерацијата воспитувана на верба во комунизмот, како пред нос им се руши таа верба. И што таа генерација може да пренесе на нашата, на каква вредност може таква генерација да нè научи нас – транзициската генерација!? На ништо, освен на страв! Со тоа, нашата транзициска генерација стана психотична, неуротична генерација, затоа што е воспитувана од исплашени татковци и мајки. Тие исплашени родители не можеа ниту нешто вредно да пренесат затоа што видоа како сè што е вредно за миг се распаѓа. Па потсвесно ги прогонуваше недовербата – на што да ги научат своите деца, што е тоа вредно што може да им го пренесеме, кога нема ништо вредно!?“.
Оттука, разбирливо е дека иако сега возрасни луѓе, „децата на транзицијата“ сепак се држат до одредена парадигма и поголема доверба кон младите отколку кон повозрасните. Тоа може да биде чекор кој како бумеранг може да се врати, поради фактот дека македонското општество демографски се менува, старее, а младите кон кои се обраќа Левица често се отселуваат од земјата. Прашање е колку најмладите генерации се доволно политизирани и сензитивизирани за политичка битка и ангажман. Освен тоа, левите партии денес ја немаат пред себе работничката класа како најширок социјален слој, туку една нова категорија граѓани кои немаат статус на редовно вработени лица (прекаријат).
На иницијативата за формирање политичка партија ѝ претходеше речиси деценија на искуство на серија мали битки, по хоризонтална основа, без строга структура, идеолошка визија или водство. Токму низ тие дилеми обично минуваат модерните левичарски движења кои се колебаат (па и внатрешно делат) помеѓу останување надвор од „режимот“ или влегување во внатрешна политичка битка, преку институциите и низ изборен процес. Крајната цел на двата пристапа не се разликува, но едното води до самоизолација, самоисклучување или ен-џи-о-и-зација. Прифаќањето на правилата на игра на неолибералната политика пак бара компромис во смисла на дејствување согласно принципите врз кои се заснова неолибералниот поредок. Ова не беше единственото премрежие низ кое минаа левите сили во Македонија. Всушност, детските болести (да го споменам Ленин) карактеристични за левицата се огледуваат и во внатрешните фрактури, фракции, делби и фрагментации. Како што вели една стара политичка шега: кога лева партија почнува состанок прва точка на дневниот ред е поделбата и кавгата. Решението најчесто е во прифаќање на демократскиот централизам како главен принцип на работа, што секако носи и ризик од концентрација на моќта во партијата и затвореност, па и сомнеж кон останатите. Политичката партија Левица мина и минува низ такви фази и кризи, но засега успешно се справува со нив. Од првото вклучување во изборниот натпревар, до денес, од обичен учесник во трката, прерасна во пратеничка група (со шест пратеници) во парламентот. Но, првиот поголем успех беа последните локални избори, што придонесе и за ширење на инфраструктурата, ограноците и канцелариите на партијата. Всушност, гледано во регионален контекст, Левица не е само најбрзорастечката лева партија, туку е и меѓу ретките кои имаат статус на учесници во парламентарниот живот (другите два случаи се Левица од Словенија и Можемо од Хрватска, со сите разлики што се присутни меѓу нив). Сепак, напорите за стабилизација на партијата под притисок на силните внатрешни и надворешни напади можат да доведат до „затворање“ и отуѓување на партијата од различните општествени групи и слоеви. Левица засега не успева да ги избалансира хоризонталното и вертикалното дејствување на начин кој ќе даде најдобри резултати.
Македонската Левица, како впрочем и најголемиот број партии од крајната левица во Европа и Америка, е најчесто предмет на напади и обвинувања за национализам, популизам, па дури и за фашизам (!?). Ваквите партии се демонизираат и дискредитираат поради јасниот и бескомпромисен став против НАТО алијансата, а во последно време и војната во Украина и Газа, или одржувањето пријателски односи со Кинеската комунистичка партија. Во тоа, и Левица не се разликува од сличните партии (освен што мора да се забележи дека не успева да искристализира јасен став по однос на европската интеграција, веројатно од страв дека добар дел од граѓаните и натаму се фаќаат како давеници за сламката дека „ЕУ ќе нè храни“). Таа се разликува по однос на наводниот национализам, т.е. инсистирањето на правото на самоопределување на македонскиот народ. Тоа не е ништо поразлично од идеите на Ленин, кој прв ги спојува класната борба со борбата за самоидентификација и самоопределување (во рамки на тогашниот СССР). За жал, Македонија е уникатна по многу нешта, а најмногу по тоа што не само што е етнички поделено општество (а поделбата е внесена во Уставот и е институционализирана), туку и по тоа што конститутивниот народ е под долгогодишен притисок за бришење на идентитетот по сите основи. По ова прашање Левица зазема цврст и побескомпромисен став дури и од партиите кои си го присвоиле ореолот на „најпатриотски“. За жал, македонската приказна не е раскажана и презентирана надвор од границите на државата на доволно убедлив начин. Притоа, една од слабостите на Левица е недоволната вмреженост со сличните партии во Европа и надвор од неа. Примерот на Сириза е најилустративен случај кој покажа дека левицата, барем во срцето на неолиберална Европа, не може да победи и да се одржи во рамки на една држава. Интернационализмот е нужна димензија која мора да се негува.
За крај, многу е интересно да се разговара со кинеските другари кои го живеат слободно комунизмот. Тие не само што го живеат комунизмот со кинески карактеристики туку и го изучуваат марксизмот и сите леви учења, туку и учат врз примерот на Југославија. Ние, кои бевме дел на таа држава, ги отфрливме сите добри придобивки и научени лекции дури и кога зборуваме за потреба од вистинска левица. Кинеската комунистичка партија става силен акцент на поврзување на левите сили и партии особено од глобалното мнозинство, но на европската периферија, во време на создавање на мултиполарен свет, левичарството е реално опасна и ризична работа. На миг, ако темен облак ја прекрие Европа како во 1939 година, герилската и конспиративната акција ќе останат единствен начин на дејствување. Дотогаш, на Левица и воопшто на сите други леви сили кои не се консолидирани во политичка партија им останува да бидат авангарда и политички да го образуваат народот во идеолошка смисла. Притоа, да градат мрежи на солидарност со сите слични партии во капиталистичкиот свет, т.е. Глобалниот север, во кој насила се најдовме после потпишувањето на Преспанскиот договор за промена на името.
Билјана Ванковска