петок, 18 октомври 2024

Падна силната Франција, Македонија е деветта на Европското првенство!

Македонија и Франција одиграа исклучително драматичен меч кој го доби нашата репрезентација со 30-29, голманот Галевски беше херојот, одбрани пенал во последните моменти. Македонските млади ракометари Европското првенство во Словенија го завршија на деветтото место.

Објавено на

часот

Сподели

Македонската младинска ракометна репрезентација имаше одличен настап на Европското првенство во Словенија кое кулминираше со победа над Франција.

Избраниците на Раде Стојановиќ на овој шампионат одиграа осум натпревари, победија дури петпати, два меча завршија нерешено и доживеавме само еден пораз, од Франција во втората рунда. Денеска беше ден за одмазда.

Македонија имаше одлично прво полувреме кое го добивме со највисоки пет голови разлика, на одморот заминавме со предност од 15-10.

Во вториот дел Франција почна да ја топи негативата, во финишот Французите неколкупати дојдоа до реми, но кога и да израмнеа, Македонија го враќаше водството. Во последната минута се случуваше вистинска драма.

Македонија со гол на Субашевски на десетина секунди до крајот дојде до предност од 30-29. Французите последни напаѓаа, судијките донесоа чудна одлука, на Митев му дадоа црвен картон иако противникот не беше во позиција за шут, тоа значеше пенал за Франција. Галевски го одбрани ударот и радоста на Македонија можеше да почне.

Субашевски и Митев постигнаа по шест голови, пет даде Узунчев, Калајџиески погоди четирипати.

На крајот Македонија го освои деветтото место, но впечаток е дека ако ова ЕП не се играше по новиот чуден систем на ЕХФ, нашата репрезентација можеше да се пласира уште некоја позиција погоре.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ