Среде престолнината на бившата држава, Македонците владеат. Колку тоа некому и да му пречи, Гоцевата раса освојува. Ги освојува сите тука на европскиот шампионат, армијата навивачи се главна вест на сите телевизии и на сите насловни страници на најтиражните весници. Репортажа за нас правеа и германската национална ТВ, Дојче Веле, сите српски и хрватски медиуми, официјалниот сајт на ЕХФ секојдневно пишува славопојки за Македонија. Не ни можеме сите да ги наброиме. И сето ова за – 0 денари!
Никој не им платил, никој не им рекол на странските колеги да ја напишат Македонија под уставното име и да ја фалат македонската навивачка фаланга. Колку и да ги боли Грците, иницијативата е кај нас, спортот умешно се користи за светот да дознае кои сме и што сме. За 0 денари!
Спортистите за неколку месеци навистина ја прославија Македонија. Почнаа кошаркарите пред пет месеци, сега истото (слично) го прават ракометарите. Никому не му е битна веста за пресовите на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ и нивните детски препукувања. Од утринското кафе, па сè до вечерното пиво, народот денес зборува за спортот. Сега за јунаштвата на Кире, Мојсо, Борко, Столе… претходно за акциите на Перо, Бо, Војдан, Тоше. Како ли само ќе биде ако наредните јунаци бидат од фудбалот.
Важно е луѓето од власта и од опозицијата да разберат дека вака се ловат поени, но само надвор од Македонија, во светот. Се ловат поени и се рекламира државата за беспари. Внатре, кај нас, ако со ова се обидат да поентираат за некој глас повеќе – веднаш ќе бидат прочитани. Затоа, не мора да ги тераат партиските чиновници да стискаат лајк на нивните соопштенија и да се препукуваат кој прв ги пофалил Кире и другарите – туку нека ги засукаат ракавите, конечно нека изработат еден саглам закон за спорт, за сите аир да видиме – и тие и ние, и спортистите и целата држава. Зашто, подобра пиар-индустрија од спортската во светот не постои. Ние секогаш учиме на потешкиот начин, но да се надеваме дека овојпат ќе научиме малку побрзо.
Власта тргна со амбициозни планови за градење спортска инфраструктура. Потег е за поздравување, но попусто се градат сали и стадиони ако нема добар закон за спорт, кој ќе предвидува олеснување за инвестициите во спортот. Спонзорите бегаат како ѓавол од крст од давањето пари, но само поради лошите законски услови. Не е во ред да им бараш пари, а тие притоа да платат и данок на подарокот. Инаку, кој ќе жали пари ако знае дека цел народ ќе ги види неговите реклами. Вака, со камен да ги тепаш, не даваат. Знаат дека ќе бидат во була. За репрезентациите некогаш и ќе се излажат, најчесто само пред големите натпреварувања, но за клубовите и за младите категории – не. А тука е основата. Попусто имаме армија навивачи што насекаде ја следи Македонија, кога на сето ова му се наѕира крајот. Играчите не се вечни.
За успех се потребни наследници на сегашните великани. За Македонија да роди нов Лазаров, Антиќ, Пандев… не се потребни партиски соопштенија – треба партиски консензус. Треба сите да кренат рака за добар закон, што ќе донесе среќна спортска Македонија. Друг пат нема!