„Задоволство ми е што овде и Шведска преку финансиска поддршка преку центарот ‘Олаф Палме’ придонесуваат кон промоција на правата на работниците, пристојни работни услови и претставува пример како да се подобри социјалните дијалог, со цел да се постигне целта“, вели Ларсон Јаин.
Посочи дека штипскиот текстилен сектор, работниците и локалната власт денеска слушнаа како се постигнал дијалог и развој на текстилната индустрија во шведскиот град Борос. Градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов рече дека на манифестацијата „Текстилијада“ гласно се говори за можностите, ни предизвиците за текстилниот сектор.
„Сакам да се заблагодарам на иницијаторот и организаторот на оваа ‘Текстилијада’, а тоа е ‘Гласен текстилец’, Кристина Ампева, којашто еве и оваа година гласно ќе говори и ќе иницира сè што е поврзано со текстилната индустрија, ги знаеме и веќе ни се познати проблемите, но и предизвиците коишто пред нас стојат како да се подобрат правата во овој сектор, но и како да се овозможи сопствениците на капиталот во овој сектор да се ребрендираат и бидат поконкурентни“, вели Јорданов.
Кристина Ампева истакна дека текстилниот сектор и работниците можат да го слушнат директно искуството на текстилниот град Борос, кој бил во далеку полоша состојба, а сега е град во којшто оваа индустрија вработува, но и е едукативен центар за младите. Ова е направено преку социјален дијалог меѓу сите чинители.
„Борос во 60 и 70 години од минатиот век исто бил зависен како што е Штип, но седнале на маса и сега е водечки град во текстилен сектор“, вели Ампева.
Вториот форум во текот на денот е на тема „Одржливата мода низ призмата на брендовите и концептот на Борос“, а во 19 часот во Дом на млади во Штип ќе има уметничка изложба изработена преку вештачка интелигенција, на тема: „Правдата на текстилните работнички“. Седмата „Текстилијада“ продолжува и утре со дебати и традиционалниот работнички пикник на локалитетот „Баргала“.
МИА