сабота, 27 јули 2024

Отворена првата продавница за алкохолни пијалаци во Саудиска Арабија по повеќе од 70 години

По повеќе од 70 години во Саудиска Арабија е отворена првата продавница за алкохолни пијалаци, што е уште еден чекор во либерализацијата на до неодамна ултраконзервативното кралство.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Иако продавницата е ограничена на немуслимански дипломати, продавницата во Ријад доаѓа во момент кога престолонаследникот на Саудиска Арабија Мохамед бин Салман сака од државата да направи туристичка и бизнис дестинација, во рамки на амбициозните планови нејзината економија полека да престане да биде зависна исклучиво од нафтата, пренесува Асошиејтед прес.

Продавницата се наоѓа покрај супермаркет во дипломатскиот кварт на Ријад, кажал за американската агенција еден дипломат, кој бил во продавницата и му личела на фришоп на голем меѓународен аеродром.

Се продаваат повеќе видови алкохолни пијалаци, вина и два вида пива, а вработените бараат од купувачите дипломатски легитимации и да ги остават мобилните телефони во чантите додека се во продавницата.

До сега дипломатите можеа да увезуваат алкохол преку специјализирана државна служба.

Саудиска Арабија го забрани алкохолот на почетокот на педесеттите години од минатиот век. Тогашниот крал Абдулазиз, основачот на Саудиска Арабија, ја прекина продажбата по инцидент во 1951 година, кога еден од неговите синови, принцот Мишари, се опил и со пушка го убил британскиот вицеконзул во Џеда.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ