петок, 18 октомври 2024

Отворен музеј на холокаустот во Амстердам: Илјадници протестираа против присуството на израелскиот претседател

Националниот музеј на холокаустот беше отворен во Амстердам со церемонија на која присуствуваа холандскиот крал Вилем-Александар и израелскиот претседател Исак Херцог, чие присуство предизвика протести поради бруталната војна во Газа.

Епа

Објавено на

часот

Сподели

Илјадници пропалестински демонстранти се собраа на централниот градски плоштад Ватерло, во близина на музејот, вееја палестински знамиња, извикувајќи „Никогаш повеќе е сега“, барајќи да се стави крај на израелската окупација на палестинските територии и итен прекин на огнот во Појасот Газа.

Организаторите на протестот потенцираат дека демонстрираат против присуството на Херцог, а не против самиот музеј и она што го претставува. Пропалестинската холандска организација Форум за права го нарече присуството на Херцог „шамар за сите Палестинци кои можат само беспомошно да гледаат како Израел ги убива нивните најблиски и ја уништува нивната земја“.

Во соопштението објавено пред денешното отворање, Еврејскиот културен кварт, кој го води музејот, рече дека е „длабоко загрижен за војната и последиците што овој конфликт ги имаше врз граѓаните на Израел, Газа и Западниот Брег“. Во него се додава дека „затоа е уште позагрижувачки што Националниот музеј на холокаустот се отвора додека војната сè уште трае“.

Израел силно ги отфрли обвинувањата претходно изнесени од Јужна Африка, во судска постапка, дека воената кампања во Газа ја прекршува Конвенцијата за геноцид.

Во својот говор на церемонијата на отворањето на музејот, холандскиот крал Вилем-Александар рече дека музејот „им дава лице и глас на еврејските жртви на прогон во Холандија“ и „ни ги покажува разорните последици што може да ги има антисемитизмот“.

Претседателот на Израел ја поздрави иницијативата на Холандија за изградба на нов музеј посветен на холокаустот како начин да се подигне свеста за растечкиот антисемитизам низ целиот свет.

Музејот во Амстердам ја раскажува судбината на некои од 102.000 Евреи кои биле депортирани од Холандија и убиени во нацистичките концентрациони логори, како и историјата на нивното систематско прогонство под германска окупација во Втората светска војна. Три четвртини од холандските Евреи беа убиени во холокаустот.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ