петок, 18 октомври 2024

Отпорот на кавадарчани за отворање на Центар за третман на отпадна гума на дневен ред на општинскиот Совет

Советот на Општина Кавадарци ќе расправа за иницијативата за отворање Центар за третман на отпадна гума откако претходно, денеска, советниците Вуко Мелов и Павле Маневски писмено побараа да се расправа по оваа иницијативата која наиде на жесток отпор од дел од жителите на Кавадарци.

Објавено на

часот

Сподели

Во образложението на барањето на двајцата советници пишува дека планираниот процес на третман на отпадна гума се врши со пиролиза односно горење на гумата на високи температури без присуство на воздух.

„Тоа  предизвикува катастрофални последици по здравјето на луѓето бидејќи доведува до појава на повеќе од 200 видови соединенија од кои најопасни се диоксинот и фуранот, кои воедно се и најканцерогени. Истите водат кон трајни нарушувња на имунолошките, нервните, ендокринолошките и репродуктивните функции. Заради алармантноста на состојбата, но и поради даденото позитивно мислење од страна на Општина Кавадарци за изведување на овој проект бараме итно свикување на седница на Советот на Општина Кавадарци. Нашиот став како советничка група во однос на оваа инвестиција е јасен. Ние нема да поддржиме ваков проект, инвестиција која директно е на штета на животната средина, на здравјето на граѓаните“, изјави денеска советникот Мелов.

Дека Општина Кавадарци дала позитивно мислење кажаа и од Министерството за животна средина на неодамна одржаната јавна дебата.

Но градоначалникот на Кавадарци Митко Јанчев не се согласува со тврдењето дека општината издала било какво одобрение за изградба на Центарот за третман на отпадна гума. Како што вели Јанчев, општината дала само позитивно мислење за изработка на студија од експерти околу рециклажен центар, но не и за изградба или отпочнување со работа.

„Во врска со документот, со кој некои поединци се обидуваат да направат уште поголема непотребна тензија, како и ширење на дезинформации, сакам да ја објаснам законската процедура , како и тоа за што се однесува даденото позитивно мислење што го дава Општина Кавадарци. Јас како градоначалник веќе втор мандат работам согласно сите закони и со голема транспарентност, така што нема никаква намера за криење на било каков документ и секогаш стојам зад мојот потпис“, вели Јанчев.

Тој појаснува дека согласно Законот за животна средина, Министерството за животна средина и просторно планирање,  кое е надлежно за водење и одобрување или неодобрување на студијата за Еколошки рециклажен центар за собирање и третман на отпадни гуми, се обратило до Општина Кавадарци и побарало мислење во врска со известувањето за намера за изведување на проектот и утврдување на потребата од оцена на влијанието врз животната средина.

„Согласно таквото барање, Општина Кавадарци дава позитивно мислење за изведба на проект односно подготовка на оцена на влијанието врз животната средина, од која треба да се утврди дали овој проект ќе биде причинител за загадување на животната средина, колку е безбеден за околината и дали ќе ги има сите потребни услови за правилно работење. Значи Општина Кавадарци со овој документ дава позитивно мислење за изработка на студија односно оцена, која ќе биде изготвена од експерти, која ќе ни покаже што всушност ќе значи работењето на овој рециклажен центар. Ова во никој случај не е позитивно мислење за изградба или за отпочнување со работа, затоа што Општина Кавадарци согласно законот нема ни право да донесе таква одлука, додаде градоначалникот.

Тој ги уверува кавадарчани дека тој заедно со претседателот на Советот, Стојанче Рамов и советничката група на ВМРО- ДПМНЕ нема никогаш да дозволат да се загрози квалитетот на живот, околината и животната средина во која живеат жителите на Кавадарци.

Сепак тоа не е доволно дел од жителите на оваа општина остро да се спротивстават на планот за изградба на Центар за третман на отпадна гума. Тие веќе трет ден на градскиот плоштад во организација на граѓанска иницијатива, собираат потписи против изградба на Центар за третман на отпадна гума како дел од Г-1 индустријата, поради страв за сопственото здравје и загадување на животната средина.

Денеска повторно реагираа и од Левица Кавадарци.

„Никој не може да гарантира дека производите или полупроизводите од оваа фабрика нема да завршат како гориво или материјал во индустрискиот комбинат ФЕНИ или други топилници. Во корумпиран систем и држава како Македонија, каде инспекциските надзори се оскудни, а инспекторите поткупливи, не постои никаква гаранција дека оваа фабрика ќе се придржува до еколошките стандарди. Историјата нè научила дека ваквите ситуации водат кон екоцид, додека одговорните остануваат неказнети“, рекоа од Левица.

И оттаму се осврнаа на ризиците.

„Доколку овие материјали бидат употребени како гориво во топилниците, тоа може да доведе до испуштање на опасни хемикалии и тешки метали во воздухот. Последиците од ваквото загадување се долготрајни и потенцијално фатални за околните заедници. Интензивната употреба на овие материи во топилниците може да предизвика сериозни здравствени проблеми за локалното население, вклучувајќи респираторни заболувања, карцином и други хронични болести. Овие ризици не можат и не смеат да се игнорираат. Го повикуваме локалното население и сите засегнати страни да се обединат и да ја спречат оваа потенцијална еколошка катастрофа“, велат од Левица.

И Здружението на пензионери за Кавадарци и Росоман е против регионален Центар за собирање и третман на отпадна гума

„Во нашето здружение има околу 7.300 пензионери од Кавадарци и Росоман, загрижени сме за здравјето на луѓето, за животната средина“, изјави примариус Диме Алексовски на чиј предлог пензионерите го дадоа својот потпис против планот за отворање на центарот.

„Инвеститорот ДССУООТУ „Ековатив оил” ДООЕЛ од Скопје ја достави Студијата за оцена на влијание врз животната средина за проект Еколошки рециклажен центар за собирање и третман на отпадни гуми во општина Кавадарци. Со ова се решава голем проблем со отпадната гума во државата. Станува збор за капацитет што нема оџак, нема отпадни води. Станува збор за затворен систем и зелена технологија, а Кавадарци е избран бидејќи е во Централна Македонија и со идеална местоположба“, информираа претставниците на Министерството за животна средина на јавната дебата. за Г-1 – индустријата.

Поради големото незадоволство на кавадарчани од Министерството известија дека дополнително ќе се одлучува што ќе се прави во врска со изградбата на Центарот за третман на отпадна гума.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ