Тие велат дека на минатонеделните разговори во Скопје побараа арпата да се откупува за 27 денари по килограм, колку што изнесува и производната цена. Но, по разговорите откупувачите ја симнале цената за шест денари, колку што изнесува и новата субвенција.
„Кога бевме во Министерството за земјоделство, начелно направивме договор – откупната цена да не е под производната односно 27 денари. Меѓутоа трговците, како и секоја година, тие шест денари што ги даде Министерството за земјоделство, за толку ја симнаа цената“, вели Тони Максимов, координатор за оризопроизводство при Националната мрежа на земјоделци.
Оризопроизводителот Здравко Арсовски вели дека со ваквата откупна цена губат сите и апелира до сите откупувачи да бидат солидарни.
„Со оваа динамика, очекувам 50 проценти од годинашната реколта да остане и благодарам на државата, вакви субвенции досега не сме имале“, вели Арсовски.
Според нивните пресметки во 2024 година се произведени околу 24.000 тони оризова арпа и според калкулациите се претпоставува дека се откупени само 40 проценти. Поситните семиња се откупуваат по цена од 21 и 22 денари, додека за покрупните цената е малку повисока.
„Откупот е многу мал, дури може да се каже дека и нема откуп. Се уште калкулират со цените. Сметам дека барем треба да се држат до производната цена, односно 27 денари за оризова арпа“, вели Стојче Ташовски од Националната мрежа на земјоделци.
Новата мерка од шест денари за килограм откупена оризова арпа е со важност од 1 ноември 2024 до 31 март годинава. Како помош на оризопроизводителите ќе биде и откупот на ориз за стоковите резерви, но според нив, тоа се мали количини.