сабота, 19 октомври 2024

Откупната цена на грозјето ги скара СДСМ и МЗШВ

Лозарите со претходната Влада на СДСМ беа оставени сами на себе и понижени со ниската откупна цена и затоа го прашуваме СДСМ зошто од април месец кога е донесен Законот, Министерството за земјоделство (МЗШВ) не ја донело методологија и не избрало научна институција за пресметување на цената не грозјето, пишува во реакцијата на МЗШВ откако СДСМ денеска преку соопштение кажа дека благодарение на Владата што ја предводела оваа партија за првпат во 2024 година лозарите добиле загарантирана откупна цена.

Фото: Пиксабеј

Објавено на

часот

Сподели

Во Март 2024 година се донесе новиот закон за Вино каде што за првпат се утврдува гарантирана цена која се добива со пресметка на производната цена и нејзино зголемување за 25 отсто, пишува во соопштението на СДСМ.

„За жал, иако ова решение беше донесено заедно со лозарите и винариите, деновиве по објавувањето на производната цена може да се воочи незадоволството и кај лозарите и кај откупувачите, пред сѐ заради нетранспарентниот пристап, со што останува нејасно како и врз основа на кои параметри во еден исклучително краток период е дојдено до оваа пресметка. Во периодот пред нас започнува и екот на бербените активности. Ја повикуваме Владата и ресорното министерство да ја реализираат исплатата на дополнителните субвенции од 1 денар за предаден килограм грозје од реколтата 2023 година“, велат од СДСМ.

Оттаму тврдат дека од голема корист на земјоделците, а пред сѐ на лозарите ќе биде започнувањето на распределбата на картичките за субвенционирано гориво за земјоделска механизација односно зелена нафта.

„Со донесувањето на програмата за земјоделство на почетокот на 2024 година, Владата на СДСМ обезбеди 10 милиони евра за поевтина нафта за земјоделците. Со оваа мерка за лозарите се обезбедени 9.600 денари за хектар лозје“, тврдат од СДСМ.

Во реакцијата на МЗШВ пак, меѓу другото пишува дека ако СДСМ навистина сакала да им помогне на македонските лозари немало да ги уништат со толку ниски откупни цени.

„Минатата година таа изнесуваше 12-13 денари по килограм предадена смедеревка и 15-17 денари, а по килограм предаден вранец, додека пак изминатите години беше уште пониска. Лозарите, Владата на СДСМ ќе ја паметат по тоталното безредие. Владата на ВМРО-ДПМНЕ докажа дека е партнер на лозарите со тоа што производната цена на двете најзастапени вински сорти која што согласно Законот за вино е зголемена за 25 отсто како добивка на лозарите, и вранецот за килограм изнесува 20,8 денари, а килограм смедеревка изнесува 18,3 денари“, се вели во реакцијата на МЗШВ.

Во меѓувреме министерот за земјоделство Цветан Трипуновски, денеска во Неготино се сретна со претставници на лозарски и земјоделски здруженија. По средбата тој изјави дека откупната цена на грозјето е во границите на реалноста.

„Сакам да појаснам дека овие цени што ги истакнаа зголемени за 25 проценти,  се цени за шеќерна единица 19 за ,вранец и 17 за смедеревка. Секоја шеќерна единица плус, ќе се доплаќа. Така што, оваа цена не е рамна цена според која што секоја приколка грозје ќе биде откупена, туку согласно квалитетот. Ако некој дојде со помал квалитет од 19 шеќерни единици, ќе биде за еден денар помалку платено“, појасни министерот.

Трипуновски додаде дека ќе се работи стратегиски и за наредната производствена година и берба.

„Тоа значи дека државата ќе креира мерки и програми што ќе ги намалат производните трошоци, со цел откупната цена да биде прифатлива и за винарските визби што извезуваат, а земјоделците да имаат поголема добивка во делот на производството на грозје, но тука мислам и на овоштарството, сточарство и друго“, порача министерот, напоменувајќи дека треба да се задржи епитетот винска држава.

На новинарско прашање дали винарските визби ќе ја почитуваат утврдената цена, што е повисока од некои цени што веќе ги истакнаа некои од откупувачите, министерот рече дека никој не треба да го крши законот.

Притоа потенцираше дека процесот на откупот на винското грозје ќе го следат инспектори од Земјоделскиот  инспекторат како надлежна институција.

Трипуновски рече дека оваа година ќе има помал род на грозјето и ќе се движи помеѓу 65 и 70 милиони килограми. Една од главните причини за ваквата ситуација, кажа тој, е тоа што во изминативе години имало катастрофално водостопанство коешто не успеало да донесе вода или пак немало доволно количини вода до земјоделските површини.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ