четврток, 26 декември 2024

Откриени наводни руски шпионски операции низ Европа

Австрија се соочува со најголемиот шпионски скандал во последните децении, бидејќи апсењето на поранешен разузнавач ги разоткри доказите за голема руска инфилтрација, слаб официјален надзор и однесување достојно за шпионски роман, објави Асошиејтед прес (АП).

Објавено на

часот

Сподели

Егисто От беше уапсен на 29 март. Во налогот за апсење од 86 страници, според АП, меѓу другото се наведува дека тој им дал на руските разузнавачи податоци од мобилните телефони на поранешни високи австриски функционери, помогнал да се испланира упад во станот на познат новинар и напишал „предлози за подобрување“ по убиството што го нарачале Русите во Германија.

От е осомничен дека му дал чувствителни информации на Јан Марсалек, австриски бегалец, кој се бара поради сомнение за измама по колапсот на германската компанија за финансиски услуги Ваеркард во 2020 година, каде што тој беше главен оперативен директор.

Во налогот се наведува дека пораките обезбедени од британските власти директно го поврзуваат Марсалек со руската разузнавачка агенција ФСБ.

Германските и австриските медиуми објавија дека се верува дека Марсалек е поврзан со руските разузнавачки служби најмалку од 2014 година. Се смета дека сега е во Русија.

Томас Риглер, историчар и експерт за шпионажа од Австрискиот центар за разузнавачки, пропагандни и безбедносни студии, рече дека случајот има „потенцијал за една од најголемите приказни за шпионажа во поновата австриска историја“.

„Случајот е посебен со оглед на неговата меѓународна димензија и фактот дека не се работи само за шпионажа, туку и за инфилтрација во австрискиот политички систем и слабеење на внатрешната безбедност на земјата“, рече тој.

Австрија, која за време на Студената војна се наоѓаше веднаш до Железната завеса и долго време имаше добри односи со Москва, е ЕУ-членка со политика на воена неутралност, но и долгогодишна репутација на шпионски центар, според АП.

Отплеткување на пајаковата мрежа

От, поранешен полицаец, беше разузнавач во Турција и Италија од 2001 до 2012 година пред да продолжи да раководи со тајните агенти во сега веќе непостоечката домашна разузнавачка агенција на Австрија БВТ.

Тој беше суспендиран од БВТ во 2017 година кога првпат се појавија обвинувања дека можеби шпионирал за Русија, но следната година беше префрлен да работи за австриската полициска академија.

Во 2021 година От беше суспендиран за време на истрагата за неговите наводни врски со Русија и испратен во притвор. Властите заклучија дека доказите се слаби и го ослободија околу четири недели подоцна.

От служел во БВТ под водство на Мартин Вајс, поранешен шеф на австриските разузнавачки операции. Обвинителите навеле дека От и Вајс биле „блиски пријатели“. Во налогот за апсење се наведува дека Вајс почнал да работи за Марсалек и „Ваеркард“ по напуштањето на разузнавачката агенција во 2018 година и дека на От му пренесувал наредби од Марсалек и од руските оперативци. Според налогот за апсење, Марсалек во СМС порака рекол дека помогнал да се „евакуира“ Вајс во Дубаи.

Адвокатот на Ото одбил да коментира, велејќи дека дури неодамна ја презел одбраната на Ото. От претходно ги негираше обвинувањата за шпионажа и за какви било незаконски постапки.

Марсалек (44) се чини дека е „пајакот во мрежата што ги влече конците“, рекол Риглер. Адвокатот на Марсалек не одговорил на барањето на АП за коментар.

Дисиденти, шпиони и бази на податоци

Помеѓу 2017 и 2021 година, се наведува во австрискиот налог за апсење, От собрал чувствителни информации за лица од интерес за Русија „со цел да им ги пренесе на Јан Марсалек и на непознати претставници на руските власти“ спроведувајќи многубројни претреси во националните полициски бази на податоци и праќајќи барања до други европски полициски сили, вклучувајќи ги Италија и Британија.

От, наводно, барал и податоци од Шенген-информацискиот систем за да утврди дали осомничените руски оперативци и поранешни вработени во Ваеркард се барани или опфатени со патни ограничувања.

Налогот содржи долг список на луѓе што биле шпионирани, вклучувајќи руски дисиденти, бизнисмени и поранешен офицер што ја напуштил ФСБ, објави АП.

Кражба, натопени телефони и научени лекции

Додека обвинението дека От барал информации за Русија првпат се појави во 2017 година, британската разузнавачка служба неодамна ѝ доставила на Австрија значајни нови информации, пишува американската агенција.

Пет бугарски државјани што наводно работеле во мрежата со Марсалек беа уапсени во Британија минатата година, а уште еден во февруари. Според налогот за апсење на От, пораките меѓу Марсалек и еден од осомничените во случајот, Орлин Русев, запленети од британската разузнавачка агенција МИ5, укажуваат на понатамошни операции на Марсалек и неговите австриски помагачи.

Според обвинителите, само пет недели откако бил ослободен од притвор во 2021 година, От ја побарал адресата на бугарскиот истражувачки новинар Христо Грозев во Виена и му ја дал на Марсалек. Велат дека Марсалек подоцна ангажирал екипа да упадне во станот на Грозев и да украде лаптоп и УСБ-мемориски стик.

Грозев, кој им влегол во трага на руските офицери наводно вклучени во труењето во 2018 година на поранешниот руски шпион Сергеј Скрипаљ и на рускиот опозициски лидер Алексеј Навални во 2020 година, се отселил од Виена минатата година откако австриските власти му рекле дека повеќе не можат да ја гарантираат неговата безбедност.

От, наводно, дошол и до мобилните телефони на тројца поранешни високи функционери на австриското МВР, меѓу кои и началникот на кабинетот на поранешниот министер, кога требало да ги поправаат ИТ-експерти на БВТ, откако паднале во вода за време на патување со брод по Дунав во 2017 година.

Обвинителите велат дека телефоните му биле дадени на непознат агент што работел за Марсалек во виенскиот стан на поранешниот зет на От и „префрлени во Москва на дополнителна анализа“. Тие велат дека телефоните содржеле „чувствителни официјални и приватни податоци“.

От, исто така, наводно му помогнал на Марсалек да прошверцува во Москва украден компјутер СИНА, уред што го користат многу европски влади за пренос на доверливи информации. По предавањето во истиот стан во Виена, Марсалек во порака напишал дека уредот бил успешно префрлен во Лубјанка – каде што е седиштето на ФСБ во Москва, според обвинителите.

Инспекторите, исто така, пронашле анализа научена од лекциите на мобилниот телефон на От, која содржела „предлози за подобрување“ на руските разузнавачки операции во Европа по убиството на грузиски државјанин од чеченска националност во 2019 година во Берлин. Во тој случај бил фатен и Русин, а германските судии рекле дека постапил по наредба на руските власти.

Што презема Австрија?

АП пишува дека От останува во притвор во очекување на одлуката дали ќе биде официјално обвинет и дека процесот најверојатно ќе потрае некое време.

Сепак, за случајот наголемо се пишува во медиумите, при што различни политички партии меѓусебно се обвинуваат дека претходно не успеале да го спречат От.

Австрискиот канцелар Карл Нехамер за денеска свика состанок на Советот за национална безбедност и порача дека земјата мора да ја зајакне својата безбедност за да спречи руска инфилтрација.

Неговата министерка за правда рече дека планира да ги заостри австриските закони за шпионажа, која во моментов е експлицитно забранета доколку е насочена против самата Австрија, но не и ако е насочена против други земји или против многуте меѓународни организации на кои Виена е домаќин.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ