сабота, 27 јули 2024

Oтец Фотиј од српски манастир во Косово протеран во Македонија

Косовските власти денеска во Македонија го депортираа игуменот на манастирот Девина Вода во Звечан, Косово. Отец Фотиј (Aлександар Костовски) инаку е македонски државјанин, информираат од Рашко-призренската епархија.

Објавено на

часот

Сподели

Отец Фотије добил и петгодишна забрана за враќање во Косово со образложение дека се работи за прашања од  националната безбедност.

Од Епархијата објаснуваат дека отец Фотиј, како државјанин на Македонија, како и другите свештеници од оваа епархија кои немаат косовски документи, пет години по ред аплицирал за дозвола за престој и редовно добивал продолжување на дозволата за престој. Пред десетина дена отец Фотије го положил и тестот за имиграција организиран од Министерството за внатрешни работи на Косово.

Вчера во Приштина тој требал да добие привремена косовска лична карта со дозвола за престој во следните пет години. Но, наместо тоа добил решение за депортација,

„Иако имал одобрена дозвола за престој која важи до 11 ноември годинава, му било кажано дека мора веднаш да оди во притвор и дека ќе биде депортиран од Косово. Во документот што му е доставен, се цитирани членовите од законот кои се однесуваат на ‘причини од национална безбедност’ без да се споменува никаква кривична или друга одговорност, бидејќи отец Фотије немал никакви проблеми од тој вид“, реагираат од Епархијата и додаваат дека свештеникот бил и претресуван.

На барање на Епархијата, покрај претставникот на ОБСЕ, на настанот присуствувал и претставник на ЕУЛЕКС, кој ги фотографирал документите и се обидел да добие објаснување за вистинските причини за депортацијата, но му било кажано дека станува збор за „причини од национална безбедност“, без никакви детали.

Отец Фотиј со полициска придружба бил спроведен до границата со Македонија, каде му биле вратени пасошот и телефонот. Не му било дозволено ниту да појде до својот манастир и да си ги земе личните работи и практично во рок од неколку часа бил депортиран откако му било соопштено дека не смее да престојува во Косово.

„Рашко-призренската епархија го изразува најсилниот протест во врска со овој невиден настан, во кој долгогодишен свештеник на Рашко-призренската епархија, кој повеќе од 13 години е на Косово, без никакво јасно објаснување беше депортиран со забрана за враќање на Косово во следните 5 години и со поништување на сите досегашни дозволи за престој“, се вели во реакцијата на Рашко-призренската епархија.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ