сабота, 2 ноември 2024

Освоивме бод, ќе жалиме за пропуштената победа

Објавено на

часот

Сподели

Ракометарите ја израдуваа нацијата

Македонските ракометари ќе жалат што ЕП не го започнаа триумфално и што не ја крунисаа фанатичната игра пред преполната сала Чаир во Ниш, затоа што повеќе од две третини од мечот имаа водство против фаворизираната четврта селекција во светот. Македонија имаше напад за победа, но 20-те последни секунди ракометарите не ги искористија во завршниот напад.

Сосема поинаку изгледаше 50. минута, кога Македонија имаше минус три гола против Швеѓаните по нивната серија од 9-2 за 10 минути. Се чинеше дека нема да ја крунисаме одличната игра, која ја започнавме од самиот старт. Но Кире, Наумче, Аљуш, Жути и другите во четата на селекторот Звонко Шундовски го покажаа „лавовското“ срце и се вратија во игра.

Се вратија за да освојат бод и да најават дека Македонија сепак не е аутсајдер на ЕП, како што предвидуваа и обложувачниците и многуте ракометни експерти во деновите пред континенталниот шампионат.

Ракометарите фантастично го почнаа мечот, од голот на Наумче Мојсоски до средината на првиот дел стигнавме до неверојатни четири гола предност. Предничеше ветеранот Стевчо Алушовски со стоотстотниот ефект и четирите гола во тој период, за водство од 8-4. Сето тоа се чинеше нереално, но се случуваше на паркетот во нишката сала пред преполното гледалиште.

Швеѓаните за три минути се вратија, но не со квалитетната игра, туку со помошта на судиите, кои во тие 180 секунди ни исклучија три играчи. Сепак, Македонија издржа, ракометарите стегнаа заби и со четворица на паркетот. Стојанче Стоилов играше како во транс и Лазаров во момент со играч помалку ја врати предноста на плус три, 10-7 во 19. минута.

Лазаров бие на голот на Сјосранд

Но првиот кризен период ги обзеде нашите ракометари. Се разбрани шведскиот голман Јохан Стјостранд, па во 25. минута „викинзите“ првпат израмнија. До крајот Алушовски првпат промаши, и тоа зицер во контра, па во размената гол-за гол на полувреме Шведска замина со гол-предност, 14-13. Во тоа полувреме Ким Андерсон, Никлас Екберг и Андреас Нилсон го предводеа шведскиот брод со по три гола, како и голманот Сјостранд со седум одбрани. Алушовски со 5 гола и Лазаров со четири, плус шесте одбрани на Ристовски, беа учинокот на најдобрите во првиот дел.

И вториот дел почна неверојатно. По голот на Андерсон во стартот, следуваше серија од 6-0 за нас. Ристовски брилјираше, со две контри на Темелков и гол на Лазаров стигнавме до водство, кое во 42. минута со голот на Мојсовски, трет во таа серија, изнесуваше 20-16. Нови четири гола, но и нов пад по таа серија.

Далибор Додер ја врати Шведска, а разиграни со Ким Андерсон и Екдал Ду Риц, Швеѓаните ја направија серијата од 9-2. Ги искористија сите брзоплети напади, одбраните на Сјостранд и што е најважно, ја замолкнаа френетичната публика во салата.

Пет и пол минути пред крајот, Лазаров, кој вечерва имаше очаен процент на реализација, погоди за минус два, 23-25. Следуваше одбрана на Ристовски, која во полуконтра не ја реализиравме, но грешката на Кире ја поправи Темелков со украдена топка и реализација за минус еден, 24-25. Ристовски, пак, краде, а Мојсоски израмнува на 25-25. Вулканот во Чаир повторно еруптира.

Неверојатната завршница кулминира со украдената топка на Ацо Јоноски и со пеналот врз одличниот Стоилов на две минути до крај. Реализираше Лазаров за 26-26. Возврати во следниот напад Ду Рец, кој потоа по избрзаниот шут на Лазаров на минута пред крајот ја погоди пречката, а ние не ја завршивме акцијата во последните 20 секунди.

Мојсоски ја врати Македонија во игра на крајот

На крајот, Алушовски и Лазаров со по 7 гола беа најдобри стрелци, но капитенот имаше лош скор од само 35 отсто (7/19 со два промашени пенали), но исклучителен придонес даде Стоилов, затоа што беше единствена опција како пикер за нападот. Стоилов имаше стоотстотен ефект. Мојсоски даде пет гола, а Ристовски зад себе имаше 13 одбрани.
Кај Шведска, Екберг заврши со шест гола, Андерсон со пет, а Додер со четири. Сјорстранд собра 14 одбрани.

Македонските навивачи направија фантастична атмосфера во Чаир

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ