сабота, 27 јули 2024

Осумдесет години од Денот Д

Тоа беше најголемиот поморски десант во историјата. Операцијата Оверлорд, истоварувањето на сојузничките трупи во Франција, која се наоѓала под германска окупација, со месеци беше планирано и вежбано во Англија. Почетокот на операцијата беше одложен поради лошото време, но на 6 јуни 1944 година, кој беше наречен Денот Д, сè беше спремно. Илјадници бродови, со поддршка од воздух, испловија од англискиот брег и превезоа околу 150.000 војници од САД, Велика Британија, Канада и од други сојузнички земји до бреговите на Нормандија. Нивната цел беше да ја ослободат Франција и да се пробијат до Германија за да го окончаат нацистичкото владеење во цела Европа.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Адолф Хитлер, кога дознал за инвазијата, наводно рекол: „Дoдека беа во Англија, не можевме да ги фатиме. Сега конечно се тука каде што можеме да ги истепаме.“

Вермахтот се подготвуваше за таа битка. Нацистите го обезбедија целиот брег на окупирана Франција со бункери и со топовски гнезда – тоа беше таканаречениот Атлантски ѕид. Додуша, нивните трупи во најголем дел беа концентрирани на погрешно место – кај Кале, каде што Ламанш е најдолг. И така наседнаа на мамката на Сојузниците.

Голем данок во крв

Тоа беше битка во која двете страни претрпеа тешки загуби. Германците од своите позиции пукаа врз војниците што се истоваруваа. Жестоките борби се проширија и на селата и градовите во заднината на плажите.

Единствен адут на Германците, кои беа бројно и материјално послаби, беа заднинските тенковски единици. Хитлер лично го нареди нивното движење – но го направи тоа предоцна. Воениот историчар Петер Либ зa Дојче веле го објасни ова со мошне банална причина: Хитлер имал обичај ноќе долго да останува буден и дури околу пладне да станува од кревет.

Така било и на 6 јуни 1944 година.

„За време на претпладнето, кога тенковите требало брзо да се внесат во битката, Хитлер уште спиел. Никој не се осудувал да го разбуди, а Врховната команда на Вермахтот немала храброст самата да нареди движење на тенковите“.

Како фатална се покажа и наредбата на Хитлер дека никако не смее да се повлекува. „Нема отстапување, ќе стоиме и ќе се бориме – или ќе умреме“. Но, ништо не помогна – германската војска е збришана. „Сојузниците победија зашто ја имаа надмоќта на морето и затоа што го постигнаа ефектот на изненадување. Но, ништо не помогна – германската војска е збришана. „Сојузниците победија затоа што ја имаа надмоќта на морето и затоа што го постигнаа ефектот на изненадување и со месеци се подготвуваа за тој ден“, вели Либ.

Париз е ослободен на 25 август. Германската окупација во Франција набрзо потоа е окончана. Но, данокот во крв за време на тие неколку недели по симнувањето на двете страни беше огромен – па и меѓу француските цивили. Повеќе десетици илјади германски и сојузнички војници загинаа во борбите, а настрадаа и илјадници цивили. А Втората светска војна и потоа траеше уште девет месеци и однесе милиони жртви.

Свеченост со поранешниот непријател

И сеќавањето на Денот Д има своја историја. За поранешните сојузници 6 јуни набргу стана датум за редовно одржување церемонии во Нормандија. На нив секогаш присуствуваа ветераните, британската кралица, претседателите на Франција и на САД како и шефовите на државите или владите на другите земји. За претставниците на Германија тука долго немаше место. Тие и самите ова го гледаа така. Германскиот канцелар Хелмут Кол во 1984 година кажал: „За германскиот канцелар нема причина за славење со кое другите ја одбележуваат победата во битката во која загинаа десетици илјади Германци.“

Додуша, не беше ни повикан. „Кол потекнува од генерацијата која мошне силно беше обележана со војната“, вели воениот историчар Петер Либ. „Тој беше тесно поврзан со воената генерација. A за неа уште во текот на 80-те години беше незамисливо да слави заедно со американските, британските, француските војници.“

А тогаш полека етаблираше и наративот според кој „истоварувањето во Нормандија беше почеток на крајот на германскиот Рајх – па така и почеток на демократијата во Германија“.

Првиот канцелар што отиде на церемонијата беше Герхард Шредер во 2004 година.

Денес учеството на шефот на германската влада на таа свеченост повеќе не се доведува во прашање. Така што таму беше и канцеларот Олаф Шолц.

Овој пат – без Русија

Едно од најспорните прашања веќе со недели гласеше: Дали на свеченоста треба да присуствува и претставник на Русија. Ова некогаш се подразбираше. Денот Д го означи создавањето на „вториот фронт“ во војната што советскиот шеф на државата Јосиф Сталин го бараше уште од 1941 година за да биде намален притисокот врз Русија. Советскиот Сојуз претрпе најголеми загуби од сите учесници во војната, со најмалку 20 милиони жртви. За да му оддадат признание на советскиот придонес во победата над нацистичка Германија, француските домаќини за 60-тата, а потоа и за 70-тата годишнина во 2014 го поканија рускиот претседател Владимир Путин – само неколку недели по руската анексија на Крим.

„По 1989/90 година се создаде голема еуфорија во очекување дека во светот ќе завладее поголем мир и дека Русија како демократска земја ќе му се приклучи на западниот општествен модел“, вели Петер Либ. „Но, најдоцна во 2022-та, основните предуслови комплетно се променија.“

И покрај тоа, француските домаќини сакаа на свеченоста да го повикаат барем рускиот амбасадор во Париз. Тоа не им се допадна на Вашингтон, Лондон, па и на Берлин. Французите подоцна се предомислија, така што Русија немаше свој претставник на церемонијата. Образложението на Елисејската палата гласеше: „Со оглед на војната во која Русија ја нападна Украина и која во изминатите недели дополнително се разгоре, за тоа нема соодветни услови.“

Наместо тоа, во Франција отпатува украинскиот претседател Володимир Зеленски. Тој таму им оддаде почест на војниците паднати во операцијата Оверлорд, заедно со домаќинот, претседателот Емануел Макрон, претседателот на САД Џозеф Бајден, британскиот принц Вилијам, германскиот канцелар Олаф Шолц и други државници. И, се разбира, и со некои од последните преостанати ветерани.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ