Македонија и настанот кога на пет лица од Бугарија не им беше дозволен влез во Македонија не е на дневен ред на пленарната седница на Европскиот парламент, но бугарските медиуми јјавуваат дека ќе биде иницирана расправа за тоа прашање.
И лидерот на Европската народна партија – ЕПП, Манфред Вебер, преку Твитер забраната за влез на Ковачев во Македонија ја оцени како случај без преседан.
„Силно го осудуваме одбивањето за влез на европратеникот Андреј Ковачев на 6 мај во Северна Македонија. Тоа е без преседан и едноставно неприфатливо. Ја повикуваме Владата на Северна Македонија итно да ја разјасни ситуацијата. Попладнево ќе го покренеме прашањето на пленарна седница“, порача Вебер.
Инаку, македонската полиција во саботата не им дозволи влез во земјата на бугарскиот европратеник од ГЕРБ, Андреј Ковачев и на уште четворица Бугари кои тргнале да учествуваат на панихида на бугарските воени гробишта во струмичко Ново Село.
„На граничниот премин Ново Село поради неисполнување на условите за влез во Република Северна Македонија, согласно законот за странци, не е дозволен влез на петмина државјани на Република Бугарија. Македонската полиција нема да дозволи, ниту сега ниту во иднина, никој да го нарушува јавниот ред и мир и да ги навредува и омаловажува граѓаните и државата и нема да биде дозволен влез на такви лица на територија на државата“, нагласија од МВР.