недела, 26 мај 2024
Избори 2024

Оставки во СДСМ и барање за оставка и на градоначалничката Арсовска

Потпретседателите на СДСМ Фатмир Битиќи и Перо Костадинов по вчерашниот катастрофален пораз на парламентарните и претседателските избори поднесоа оставки од партиската функција. Поранешната министерка Јованка Тренчевска исто така се повлече од функцијата претседателка на форумот на жени на СДСМ. Иако по вчерашниот голем пораз тоа се очекуваше, лидерот на СДСМ Димитар Ковачевски не поднесе оставка. Од истакнати членови на партијата веќе се бараат оставки без никакви условувања.

Објавено на

часот

Сподели

Ковачевски изјави дека резултатите се разочарувачки, дека на СДСМ му е зададен сериозен удар, по што најави процес на обнова и консолидација на партијата и нови избори за претседател и раководство на партијата.

Битиќи, кој е еден од четворицата потпретседатели на СДСМ, изјави дека е обврзан на етички и демократски вредности, и затоа одлучил да поднесе оставка од функцијата потпретседател на партијата.

„Мојата оставка комплетно ќе се ефектуира кога останатите мои другари и другарки кои го сочинуваат партиското раководство ќе го направат истото – од првиот до последниот“, порача Битиќи.

Оставка од функцијата потпретседател на СДСМ поднесе и Перо Костадинов. „Најважни се слободата, мирот и напредокот на Македонија. Граѓаните, денес гласаа на демократски избори, и на слободен начин ја изразија сопствената волја. Како држава, можеме да продолжиме напред само преку заедништво и добронамерност. Потребни ни се внатрешни и надворешни партнерства, силни институции и интеграција на земјата во ЕУ. Сонот за подобар живот дома, е на сите нас“, изјави вчера Костадинов.

Барањата за оставки добиваат и поширок размер.

Градоначалникот на Гази Баба Бобан Стефковски смета дека е време од градоначалничката функција да се повлече Данела Арсовска.

„Бројките велат дека во 2021 година, Данела Арсовска е избрана за градоначалник на градот Скопје со гласовите на 118.545 скопјани, а на вчерашните избори Данела Арсовска преку нејзината партија во општините Гази Баба, Ѓорче Петров, Бутел, Чаир, Кисела Вода, Аеродром, Центар, Сарај и Шуто Оризари освои вкупно 2.584 гласови. Време е Скопје да се врати на скопјани, а Данела Арсовска да поднесе оставка. Кредибилитетот и легитимитетот на секој вршител на јавна функција која се избира на непосредни избори извира и им припаѓа директно на граѓаните, без разлика дали се работи за претседател на држава, пратеник, градоначалник или советник“, вели градоначалникот на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски.

Социјалдемократот Јован Деспотовски, кој е на чело на Дирекцијата за технолошко индустриски развојни зони (ТИРЗ), побара оставки од раководството на СДСМ веднаш, а не со одложено дејство и условени.

„Како членови на СДСМ носиме огромна одговорност нашата опција, идеја, цел да опстои и да постои и понатаму. Денес сме им потребни на нашите членови и поддржувачи, но и нас самите, ама… веќе утре ќе ѝ бидеме потребни на државата, на сите наши сограѓани. За носење на брзи и квалитетни одлуки ни треба итна сериозна анализа, која не треба да се одолговлекува. Но, за првиот чекор кон овие одлуки треба само храброст кај врвот да се прифати реалноста на овој пораз. Не ни требаат условени оставки кои ќе се ефектуираат доколку и другите си поднесат оставки. Секој да почне од себе без да го чека партискиот другар до него. Само така овој процес на промена нема де трае предолго, а штетата нема да стане ненадоместлива“, вели Деспотовски.

Тој смета дека на членовите на СДСМ и на поддржувачите денес им е повеќе од потребен консолидиран и свесен СДСМ. „Сите се тажни, разочарани, но и уплашени од повторување на некои лоши работи од некои не така далечни минати времиња. Силен и реформиран СДСМ може и мора да ги заштити. Силен и реформиран СДСМ ќе биде надеж за сите граѓани“, вели Деспотовски.

Тој нагласува дека по изборниот ден била пропуштена огромна шанса да се направи првиот чекор кој, како што вели, почнува со одговорност, со име и презиме, почнувајќи од врвот.

Во 2021 година, по повлекувањето на Зоран Заев од лидерската позиција во партијата, Деспотовски беше еден од четворицата кандидати за претседател на СДСМ.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ