петок, 26 јули 2024

Оставки во Левица

Бранко Ристов од Левица, кој е и претседател на Советот на Општина Карпош објави дека поднесува оставка од сите внатрепартиски функции. Претходно и неговиот сопартиец, Дарко Масларковски, советник во Општина Аеродром изјави дека не е веќе член на Левица и дека ќе делува како независен советник.

Објавено на

часот

Сподели

Ристов напиша дека поднел оставка затоа што политичките цели на партијата се најверојатно неостварливи.

„Функционирањето на партијата преку бркање пиар пред политика, наместо обратно, и внатрепартиската кадровска структура ме донесе до заклучокот дека политичките цели на партијата, на која посветив осум години, се најверојатно неостварливи. Оттаму не би сакал да посветам уште осум за да ми се потврди мојот страв со што би пропуштил неповратно време кое би можел да го посветам на најблиските“, вели Ристов.

Ристов вели оти оставката е со цел да се избегне потребата да се расправа за неговиот статус во партијата.

По оваа оставка Масларковски на својот фејсбук профил напиша: „И сеа бе Димче Наполеонче мужен за кулачка милионерка фабрикант ја растура партијата или ние ја растураме“.

Масларковски напиша дека работите во партијата не се на она другарско и чисто идеолошко делување, како на почетокот, т.е. полно е со византиски игри, намерно уништување, игнорирање и оддалечување од чесни, вредни, борбени, бестрашни, бескомпромисни ‘чисти’ кадри. „Се случува опкружување со полтрони, интересџии и безкичмењаци кои безпоговорно следат луди директиви (како таа за отстранување на македонското знаме од Кутлеш), како и екипирање на раководни кадри кои се премногу сомнителни, увезени токму од политичките елити против кои се бориме (наводно се бори и Левица)“, напиша Масларковски.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ