сабота, 27 јули 2024
Нема кој да ги управува ер-тракторите, двајца во пензија, двајца добиле отказ

Остана само еден пилот за канадерите, ако државата летово гори нема кој да гаси од небо

Во исклучително тешките и стрмни терени каде што избувнуваат пожари, а каде не се оди ниту пеш, ниту со возила, туку единствено место од каде може да му се спротивставите на огнот е небото, потребни се токму тие, ер-тракторите. Но и тие се бескорисни ако нема кој да ги лета. Државата има три воздухопловни летала т.н. ер-трактори за гаснење на пожари, но нема доволно пилоти. Овие летала се во надлежност на Дирекцијата за заштита и спасување и се три на број, а за нив има само еден пилот. Како што дознаваме од официјални извори, двајца од петтемина пилоти лани добиле откази од директорот Беким Максути, а двајца неодамна заминале во пензија. Но, отказите како што тврди нашиот извор не биде добиени по вина на пилотите, туку заради недоволно часови платена обука од ДЗС. Одговор од директорот Максути нашата редакција не доби иако испративме пораки и прашање.

Објавено на

часот

Сподели

Во август 2021 година директорот Максути во емисија на ТВ 21 посочи дека не само што ДЗС има кадар, туку може да се пофали дека нивните пилоти се и инструктори кои може да се користат за обука, а да не се даваат пари. Но, две години подоцна токму инструкторот во ДЗС добил отказ од Максути со образложение дека не ја поминал преобуката. Но, нашиот извор вели дека двајцата пилоти кои биле вработени на неопределено време, а добиле отказ, всушност не добиле доволно часови платени од ДЗС кога заминале за Шпанија, а не дека не ја поминале преобуката.

Пилотите во ДЗС добиваат обука кога се вработуваат односно кога треба да станат пилоти, а преобуките и добиваат кога треба да се обучат за друг тип на летало. Двајцата избркани, од кои едниот бил нешто повеќе од 2 години пред пензија отказ добиле бидејќи 15 часовната обука која им била платена од ДЗС не ги исполнила условите за да може да ја поминат истата. Откако двајцата добиле отказ, Максути останал со тројца пилоти од кои двајца заминаа во пензија. Но, дури и кога од ДЗС знаеле дека ќе нема пилоти и нема да може да работат канадерите, немало ниту оглас. Сега во период на избори оглас не може да се распише, но дури и да е така и да се примат нови пилоти по 9 мај, за нив ќе требаат обуки и тие ќе може да ги управуваат ер-тракторите догодина.

Поради неисполнување на условите забрана за користење на канадерите даде и Агенцијата за цивлно воздухопловство. Редакцијата на МКД.мк побара и доби одговор од таму дека нарушен е системот на управување со безбедноста и ДЗС е задолжена да изготви план за ер-тракторите да се вратат во функција пред отпочнување на сезоната на пожарите.

„Со заминување на двајца пилоти во пензија кои покрај летечките активности извршуваа и раководни (постхолдерски) позиции, во Одделението за специјализирани услуги со воздухоплови во Дирекцијата за заштита и спасување, дојде до нарушување на функционалноста на системот за управување со безбедноста кој треба да е соодветен на големината на операторот, природата и комплексноста на активностите што ги извршува, имајќи ги предвид опасностите и поврзаните ризици со тие активности. Од тие причини од страна на Агенцијата за цивилно воздухопловство од Одделението за специјализирани услуги со воздухоплови во Дирекцијата за заштита и спасување, е побарано итно да достави корективен акциски план со предлог мерки за отстранување на наодите со цел враќање на функционалноста на одделението пред отпочнување на сезоната на пожари“, стои во одговорот што МКД.мк го доби од Агенцијата за цивилно воздухопловство.

Директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов за МКД.мк вели дека кај него постои страв дека без ер-трактори ќе изгори државата ако летово има пожари.

„Никој не може да предвиди дали и колкави пожари ќе имаме летово. Ако недај боже имаме големи пожари на отворено на непристапен терен, ние за неколку илјади евра со кои можеа да се вработат и да се платат пилоти, ќе изгубиме милиони евра бидејќи ќе се направат огромни еколошки, материјални штети, а и штети по здравјето на луѓето ако гори шума, а ќе гасиме пожари со хеликоптерите, а не со ер-тракторите“, вели Ангелов.

Канадерите на ДЗС две години не беа во функција поради тоа што не беа сервисирани. Летнаа да гасат пожари лани летото кога многупати се најдоа за време на големите пожари во државава. Летала за гасење на пожар има и АРМ и МВР, но тие не летаат ноќе, а кој може да му каже на огнот да не гори кога ќе падне мрак, оти опремата ни е денска?

Но, освен за во воздух ограничени се и ресурсите за гаснење на пожар и на копно.

Кога пред неколку дена се запали Универзална сала, командантот на скопската Бригада за противпожарна заштита Звонко Томески во изјава испрати апел до државните власти кои се надлежни за одобрување на вработување во противпожарните единици да земат редвид дека е потребно што е можно поскоро да се одобри вработување на нови пожарникари.

„Нашата единица функционира со пополнетост со 40 отсто што е недеволно. Во пресрет на летна сезона навистина не знаеме како ќе се одвиваат работите, но ни се потребни нови пожарникари што е можно побрзо да можеме да бидеме поекипирани и да можеме да одговориме на сите побарувања од нас“, изјави Томески.

И додека стасуваа апели поради страв од големи пожари и штети од нив, се радуваме на убавото време и пролетта. Потоа ќе го чекаме и летото кое само по себе нови опасност од пожари дел поради високите температури, дел поради човечкиот фактор. Реалноста е таа, нема доволно опрема и кадар за гаснење пожари на копно, а ги немаме ни ер-тракторите за од височина.

Реалноста за борбата со огновите и дали надлежните ќе треба да се магионичари или практичари допрва ќе ја видиме.

K.Д. 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ