петок, 26 јули 2024

Осомничениот Иџет Мемети се повлекува од Советот на јавни обвинители?

„Иџет Мемети ме информира дека нема да биде присутен на денешната седница и е на мислење да се повлече од позицијата заменик претседател на Советот на јавни обвинители“, рече на почетокот од седницата претседателката на Советот на јавни обвинители, Душица Димитриеска. Мемети е осомничен дека е вмешан во случајот на кривичното гонење на ексградоначалник Боро Стојчев.

Објавено на

часот

Сподели

Во овој случај првоосомничен е врховниот судија Наќе Георгиев, кој доби затворски притвор, додека на Мемети му се одземени пасошот и личната карта како мерка на обезбедување на присуство. Двајцата се сомничат дека му ветувале на синот на осудениот поранешен градоначалник на Ново Село, Боро Стојчев дека за 10.000 евра ќе извршат влијание и ќе му помогнат на Стојчев во друг процес кој е во фаза на истрага за друго кривично дело, кое го води Основното јано обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.

Инаку, Иџет Мемети негираше каква било вмешаност во случајот на ексградоначлалникот.

„Од мој интерес, и од интерес на јавноста, е што побрзо органите да ја завршат својата работа. Ова секако како човек ме погодува, меѓутоа, не е добро да зборувам пред медиумите за работа која се води по судски пат. Ве уверувам дека многу брзо ќе заврши и ќе излезе дека ништо незаконски не сум направил“, изјави минатата недела Мемети.

Во однос со релациите со врховниот судија Георгиев, тој рече дека ги познава сите судии и обвинители и со нив се дружи, но, дека не разговарал за предмети.

Истрагата против Георгиев и Мемети е отворена по акцијата на МВР. Парите во износ од 10 илјади евра, биле обележани од страна на полицијата, по што судијата Герогиев бил приведен.

Инаку, Иџет Мемети беше избран во декември 2020 година за член на Советот на јавни обвинители од Собранието на Македонија со мнозинство гласвови. Претходно тој беше народен правобранител.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ