Покрај тоа, Судот е тужен и од други институции за долгови во висина од 463 илјади денари. Истовремено, Судот поднел тужба за нанесена штета на деловните објекти и насилство врз луѓе, што го опфаќа периодот 2014-2021 година, со вкупен побарувачки износ од 1,7 милиони денари.
Ревизијата истакнува дека бројот на новопримени предмети во Судот се зголемува секоја година, со раст од 29% во 2023 година во однос на 2021 година. Во 2023 година биле решени 117.268 предмети, но процентот на решени предмети опаѓа, достигнувајќи 82,6% од вкупниот број предмети. Бројот на нерешени предмети до крајот на годината бележи пораст од 55,6% во однос на 2022 година.
Како една од главните причини за проблемите, ревизијата го посочува недостигот од судии. Во текот на 2022 и 2023 година, бројот на судии се намалил, така што на крајот на 2023 година Судот работел со 48 судии, што е за 22 судии помалку од предвидените 70 согласно одлуката на Судскиот совет.
„Намалениот број на судии значително влијае врз капацитетот на Судот да се справи со зголемениот број предмети“, се наведува во извештајот.
Иако во текот на 2023 година биле избрани 10 нови судии, само тројца биле распоредени во Одделот за прекршоци, што е недоволно за да се надмине дефицитот на кадар. Ревизијата нагласува дека ваквите состојби може да имаат сериозни финансиски и оперативни последици врз работата на Судот во иднина, оставајќи простор за неизвесности и дополнителни предизвици.