среда, 30 октомври 2024

Османи: Политиката на отворени врати на НАТО и проширувањето на ЕУ се клучни за справување со руските закани

Време е за нова динамика во европските и евроатлантските интеграции на земјите од Западниот Балкан, бидејќи забрзувањето на овие процеси е клучно за спротивставување на руските намери и консолидирање на целокупната стабилност, порача денеска министерот за надворешни работи Бујар Османи на состанокот на шефовите на дипломатиите на земјите членки на НАТО во Брисел.

Објавено на

часот

Сподели

„Нашиот регион сè повеќе станува поле за геополитички натпревар, а Западниот Балкан е на линија на огнот на цивилизацискиот судир меѓу Западот и Истокот. Руската воена агресија врз Украина покажа дека безбедносната архитектура во Европа е нарушена, а како што сум истакнал и во други прилики, Украина е само првата станица од руските империјалистички амбиции. По Украина, руската агресија се очекува да продолжи и наредна станица да бидат земјите од Западен Балкан“, рече Османи.

Тој нагласи дека денешниот министерски состанок е значаен затоа што заеднички со сите сојузници во седиштето на НАТО во Брисел ја одбележуваме 75-годишнината од формирањето на Алијансата.

„И овој важен јубилеј коинцидира со приклучувањето на Шведска во нашето трансатлантско семејство. Ова е силна потврда дека политиката на отворени врати на НАТО не само што е жива, туку е и зајакната и со силен фокус на сите земји сојузнички”, потенцира Османи.

На средбата беа разгледани и начините и механизмите за натамошно зајакнување на поддршката за Украина и за продлабочување на соработката на НАТО со партнерите од индо-пацифичкот регион, како и за засилување на одвраќањето и одбраната на Алијансата, при што во тој контекст Османи нагласи дека Македонија го постигна минималниот праг за одвојување на 2 отсто од БДП за потребите на одбраната.

На министерскиот состанок, кој продолжува и утре, стана збор и за подготовка на одлуките кои треба да се усвојат на Самитот на НАТО во Вашингтон што ќе се одржи во јули 2024 година.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ