среда, 5 март 2025

Османи од ДУИ најавува политичка криза, Вреди цени дека тоа е стратегија за избегнување изборен пораз

Изјавата на лидерот на ДУИ, Али Ахмети, дека „нема да има локални избори, доколку се менува Законот за употреба на јазиците“, на своевиден драматичен начин ја започна кампањата за овие избори, кои треба да се одржат за 7-8 месеци. Истовремено ги поттикна шпекулациите и анализите за опцијата заеднички парламентарни и локални избори, како што бара ДУИ, со намерата да предизвика политичка криза.

Објавено на

часот

Сподели

Потпретседателот на ДУИ и поранешен министер за надворешни работи на Македонија, Бујар Османи, во телевизиско гостување ја објави „технологијата“ со која партијата планира да создаде политичка криза од темата за преиспитување на уставноста на Законот за употреба на јазиците од страна на Уставниот суд.

„Не се работи за ДУИ. Албанците тоа нема да го дозволат. Нема да дозволите утре да дојдете на работа како ништо да не било, бидејќи тоа е морална, национална и човечка обврска кон оние кои ги дадоа своите животи за овој јазик. И дали ќе се однесуваме како ништо да не се случило? Претседателот на Уставниот суд донесе одлука, утре одиме во град на кафе, па ќе одиме во кампања за општини? Затоа велам, длабока политичка криза, која не може да продолжи на ист начин, без да се седне и да се разговара што да се прави со Охридскиот договор, без да се врати ‘балансерот’, без да се врати ‘бадентер’, легитимитетот и без да се гарантира јазик, нема да има политика како што е вообичаено“, вели Османи.

Од коалицијата Вреди, која во актуелната влада и политичката сцена на Македонија на изборите се наметна како легитимен претставник на Албанците во земјава, ваквите радикални изјави на ДУИ ги квалификува како стратегија на нивните конкуренти во албанскиот блок за да го избегнат поразот.

„ДУИ е свесна дека има само еден начин да го избегне поразот: да ги бојкотира изборите и да провоцира тензии на денот на гласањето! Ова е нивната последна карта, бидејќи знаат дека Албанците веќе не им веруваат. Самиот Али Ахмети призна од Липково: ДУИ подготвува бојкот на локалните избори! Што покажува ова? Дека ДУИ нема ниту идеи, ниту програма, ниту нови луѓе – туку само страв од уценување“, тврдат од Вреди.

Понатаму од Вреди прашуваат дали бегалецот од правдата, Артан Груби е авторот на сценариото за бојкот на локалните избори и дали од далечина ја држи ДУИ во заложништво.

„Оваа партија, која две децении ги држеше Албанците како заложници со лаги и политички манипулации, денес е заробена од една врхушка потопена во корупција и паника. Сега не одлучуваат повеќе ниту нивното членството, ниту гласачите – ДУИ се командува со далечинско од бегалецот Артан Груби. Тие што некогаш се фалеа дека не се плашат ниту од бомбите од 2001 година, денес се сведени на тоа да им се тресат колената од политичките бомби на Артан Груби! Дали Артан Груби е авторот на сценариото за бојкот на локалните избори? Со што Артан Груби го држи ова раководство на ДУИ во заложништво? Албанците треба да ја знаат вистината! Времето на ДУИ заврши – никој нема да ги спаси од казната на народот“, велат од Вреди.

Од опозициската СДСМ за ваквите најави за предизвикување политичка криза од страна на ДУИ, оценуваат дека тие во „моментот тие не се во состојба да поставуваат било какви услови или да го диктираат темпото на политичкото делување во државата“.

„ДУИ треба да се помират конечно дека се опозиција и да делуваат како опозициска партија – да даваат свои ставови на клучни прашања и секако кога ќе дојде соодветно време ќе има и парламентарни избори. Во моментот тие не се во состојба да поставуваат било какви услови или да го диктираат темпото на политичкото делување во државата“, порача Сања Лукаревска од СДСМ.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ