сабота, 27 јули 2024

Османи: Нема заговор за денот кога ќе ги доставиме уставните измени во Собранието

Објавено на

часот

Сподели

По првата средба со министерката за надворешни работи на Бугарија, Марија Габриел, не може да се добие целосен впечаток за позициите на новото бугарско раководство, смета Османи. Тој во рамки на претседавањето со ОБСЕ во 2023 година, денеска ја презентираше новата иницијатива за формирање на Охрид Центар за мир и медијација.

Уставните измени, повтори, не се контроверзни и се во интерес на државата.

„Мислам дека премиерот даде конкретна изјава, рече дека за кратко време ќе бидат пратени предлозите за уставните измени. Ние сме политичка Влада и ги пресметуваме сите аспекти, даваме простор за продолжување на политичките разговори, се координираме со Палраментот по однос на внатрешните процедури, го сетираме тајмингот за да помогне во дебатата. Нема некоја конспирација зад пресметување на денот кога ќе ги пратиме предлозите, туку баш, класично калкулирање, кога е најдобриот момент, кога Собранието смета дека веднаш може да го процесуира текстот, дали се исцрпени сите разговори, да се даде ден повеќе на опозицијата да рефлектира и календарски е прашање поради одморите. Нема ништо конспиративно, очекувам брзо, во рамки на наредните денови, недели, да се прати текстот во Собранието. За мене тоа ќе биде најважниот момент, кога граѓаните ќе ги прочитаат уставните измени. Дури некому кажав, јас на билборди би ги ставил уставните измени за да видат граѓаните дека целата пропаганда по однос на уставните измени не е точна“, истакна Османи на прес-конференција, одговорајќи на новинарски прашања.

Би сакал ВМРО-ДПМНЕ да гласа заедно со нас, да седнеме прво да констатираме дека ова е од наш интерес. Им ги исполнивме сите барања и предуслови, гаранции – да, ДУИ да излезе од Владата – да, избори истиот ден – да, што е тоагш проблемот, освен инает, калкулација за власт, но тоа не е фер и кореткно. Граѓаните очекуваат поодговорно однесување од сите нас, рече Османи.

Тој смета дека одлуката на ВМРО-ДПМНЕ да прекине секаква комуникација со власта, вклучувајќи ги и разговорите за уставните измени, е многу лоша и непромислена. Со ваквата одлука, како што рече денеска, опозициската партија уште еднаш потрфли и покажаа дека ниту сака, ниту има намера некогаш да се соочи со кој било предизвик на државата. На ВМРО-ДПМНЕ, оцени Османи, и се важни само власт и моќ.

„Очекувам да работиме до последниот ден со партијата. Мислам дека е почесно така и од наша страна и покоректно за граѓаните барем еднаш една одлука да донесеме заеднички. Но, ако тоа не дава плод, ние мора паралелно да работиме и со пратеници кои не сакаат да бидат заложници на амбициите и сакаат да поддржат европска перспектива на државата преку имплементирање на нашиот интерес“, нагласи Османи.

Во однос на бројот на пратеници кои би ги гласале уставните измени, Османи очекува дека ќе биде поголем од неопходниот зашто, според него, пратениците се, сѐ посвесни дека уставните измени се во интерес на државата, како и дека ваква втора шанса земјава веќе нема да добие.

Министерот се надева, како што напомена, дека одлуката на ВМРО-ДПМНЕ е „од наивност или од преголема оптовареност за власт“. 

„Благодарам. Уште еднаш, со своја уста, потфрлија, покажаа дека ниту сакаат, ниту имаат намера некогаш да се соочат со кој било предизвик на државата. Единствено им е важно да разговараат за избори, власт и моќ. И тоа е жално во овие моменти. Дури усепаја, како во ретко која земја во светот, десницата да се препознае како антоним на евроатлантската интеграција. Секаде десницата е носител на евроатлантската интеграција, само кај нас е обратно. Е тоа успеаја со оваа лоша политика, но ние ќе продолжиме да работиме и со нив, укажувајќи на последиците. Изјавата беше многу лоша, не знам дали ја промислија, но партија која претендира да преземе одговорност, да излезе да каже „јас не разговарам со никого за ништо друго освен за тоа да станам премиер, министер, заради мојата политичка кариера, е најлошата порака што можете да ја дадете. Граѓаните не ги интересира кој каде е и на која позиција, тие бараат решенија за нивните проблеми“, рече Османи. 

Воедно потсети и дека беа исполнети сите барања, услови и предуслови што ги испорача ВМРО-ДПМНЕ.

„Сите барања, услови и предуслови што ги постави ВМРО-ДПМНЕ за поддршка на устваните измени Владата ги прифати. Побараа услов ДУИ да излезе од Владата, во истиот момент им беше прифатено барањето, дури и отидовме и подалеку. Истата понуда важи и денеска – денот кога ќе ги изгласаме заедно уставните измени, ДУИ ја напушта Владата. Побараа предвремени избори, им дадовме официјална понуда – дента кога ќе ги изгласаме уставните измени, ќе гласаме и за распуштање на Парламентот и веднаш одиме на предвремени избори. Побараа гаранција од ЕУ дека нема да има нови барања – канцеларот Шолц рече „јас сум гаранција дека нема да има нови барања“. За да има потврда плус, германскиот Бундестаг донесе резолуција за истото. Сите го кажуваат тоа, вклучувајќжи ја и Бугарија – дека нема да има нови барања во овој процес. Нема нешто што ВМРО-ДПМНЕ побара, а ние не прифативме и кога останаа веќе без аргументи, кажуваат „ги прекинуваме сите разговори, освен за избори. И затоа реков, „благодарам“, бидејќи не да побаравме, немаше тоа да го кажат“, рече Османи. 

Нагласувајќи дека втора шанса нема да добиеме ако сега не го решиме прашањето со уставните измени, министерот повтори дека втора шанса ќе биде всушност „тргање на страна, седнување на клупа, решавање ан сите прашања па потоа излегување на терен за да се продолжи натпреварот“.

Во врска со вчерашната средба со министерката за надворешни работи на Бугарија, Марија Габриел, Османи вели дека по првата средба не може да се добие целосен впечаток за позициите на новото бугарско раководство.

„Зборувавме и за уставните измени, информирав до каде е процесот. Кажав дека очигледно во двете земји постојат политичари кои можеби и се координирани меѓу себе за да ги минираат односите, бидејќи некако, изјавите премногу временски коинцидираат – како дава изјава некој порадикален бугарски политичар, веднаш нашите реагираат. Немам докази и не е моја работа да најдам докази, но чувството ми е дека можеби веднаш си го препознаваат моментот за да профитираат политички и дека е важно барем официјалните претставници на државите да имаат позитивни пораки, почеста координација за полека да се создаде доверба, зашто кога има доверба, потоа се излгеда полесно“, рече Османи, кој со Габриел се сретна  во рамки на годинашниот Дубровник форум.

Министерот за надворешни работи и претседавач со ОБСЕ, Бујар Османи, во рамки на претседавањето со Организацијата во 2023 година, денеска ја презентираше новата иницијатива за формирање на Охрид Центар за мир и медијација. Османи, истакна дека идејата е овој Центар да биде белег на македонското претседателство со ОБСЕ, истиот ќе е од истражувачки карактер и под покровителство на организацијата. Целните групи кон кои ќе се насочи центарот ќе бидат младите, жените, дипломатите, академската заедница и граѓанското општество.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ