сабота, 27 јули 2024

Османи не сака средба со Вучиќ додека не му се воведат санкции

Претседателката на Косово Вјоса Османи оцени дека нема причина за средба со претседателот на Србија Александар Вучиќ додека не му се воведат санкции поради настаните на северот на Косово.

Објавено на

часот

Сподели

Косовската полиција на 24 септември беше нападната од група вооружени и униформирани лица во Бањска, општина Звечан. Еден косовски полицаец беше убиен тогаш, а тројца српски напаѓачи беа убиени подоцна во размената на оган.

Официјална Приштина за овој напад ги обвини Белград и претседателот Вучиќ, што Србија го негира.

За овие случувања Османи зборуваше во четвртокот пред почетокот на средбата во Гранада, Шпанија, што се одржува во рамки на самитот на Европската политичка заедница.

На овој самит учествуваат лидерите на земјите на Европската унија но и на други европски земји.

Претходно, дел од нив изразија очекување дека Османи и Вучиќ би можеле да се сретнат на маргините на овој самит.

„Прво санкции, а потоа можеме да зборуваме за нешто повеќе“, рече косовската претседателка.

Таа изрази надеж дека и Шпанија – која не го признава Косово како независна држава – ќе се приклучи на санкциите против Србија.

Ден претходно неколку европратеници на вонредна средба побараа воведување санкции против Србија поради нападот во Бањска.

Во меѓувреме, американскиот амбасадор во Косово Џефри Ховениер изјави дека американските власти се обидуваат да добијат повеќе информации пред да одлучат дали ќе воведат санкции кон Србија.

„Ќе бидеме активно вклучени во овој процес за да се осигуриме дека одговорните (за нападот) ќе бидат повикани на одговорност“, рече Ховениер.

На 29 септември, Милан Радоичиќ, поранешен потпретседател на најголемата партија на косовските Срби – Српска листа, ја презеде одговорноста за организацијата и нападот во Бањска.

Потоа беше приведен и испрашуван на 3 октомври, а еден ден подоцна Вишиот суд донесе одлука за ослободување на Радоичиќ од притвор, со мерка забрана за напуштање на територијата на Србија.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ