сабота, 21 декември 2024

Османи на иселенците во Белгија им ветил дека ќе има олеснувања за замената на личните документи

Министерот за надворешни работи Бујар Османи во придружба на премиерот Талат Џафери и вицепремиерот за евроинтеграции Бојан Маричиќ, за време на престојот во Брисел, денеска ја посетил Амбасадата на Македонија, каде што покрај другите конзуларни услуги за македонските државјани, преку мобилната станица се врши и сликање и земање на биометриски податоци за издавање на патни исправи.

Објавено на

часот

Сподели

Министерството за надворешни работи соопшти дека Џафери, Маричиќ и Османи разговарале со наши државјани кои биле во Амбасадата и ги увериле дека се прават максимални напори за да не се соочуваат со проблеми поради обврската за обновување на личните документи.

„Секое барање од наш државјанин значи обврска за сите нас, особено за дипломатите во претставништвата, со цел давање на брз, ефикасен и квалитетен одговор. Ова е период кога сите ние сме дополнително посветени за соочување со овој предизвик наметнат од енормното зголемување на барањата за конзуларни услуги особено во делот на патните исправи“, истакнал Османи.

Издавањето на патните листови без надомест за сите државјани кои живеат во странство и имаат потреба да се вратат во земјата за да извадат нови патни исправи, како и доставата на патниот лист преку брза пошта онаму каде нема дипломатско-конзуларни претставништва, според Османи, се само дел од решенијата.

„Следува организирање на конзуларни денови и други видови на олеснувања за граѓаните во странство, за кои нашите претставништва беа инструирани и наскоро следи објава на планот“, информирал Османи.

Тој ги информирал македонските државјани дека времетраењето на изработка на пасошите кое е многу подолго од вообичаените рокови е главната причина зошто периодот на врачување на изготвените пасоши во нашите претставништва е значително подолг од досегашната пракса која имала просек од 30 дена.

Министерството за надворешни работи располага со ограничен број на базни и мобилни станици. Една од мобилните станици е токму во Амбасадата во Брисел која во координација и соработка со Амбасадите во Хаг и Париз врши услуги за сликање и земање на биометриски податоци и за нашите државјани во Холандија и Франција.

Инаку, во текот на 2023 година, Амбасадата во Брисел обработила 2.488 предмети, од кои 1.127 издадени патни исправи и 523 патни листови, во Париз се обработени 1.083 предмети, меѓу кои 390 патни исправи и 242 патни листови, додека во Хаг вкупно 1.076, со 340 патни исправи и 72 патни листови.

Во македонската Амбасада во Брисел, била оставрена средба и со добитникот на МКартата во Белгија, со цел да му биде врачена. Министерот Османи изразил благодарност за покажаниот интерес за проектот МКарта, како значајно вмрежување на нашите најдобри претставници од дијаспората во светот и одличен пример за врската на овие личности со Македонија.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ