Како што соопшти МНР, Кулеба и Османи се сложија дека во прашање е грубо кршење на меѓународното право и неиспровоциран напад врз суверенитетот на една земја, но и сериозен обид да се уништат темелите на регионалната и глобална безбедност и стабилност.
„Слободата на Северна Македонија и секоја друга европска земја денеска се брани во Украина, и Украина ја заслужува сета почит, помош и поддршка поради тоа“, изјави Османи, појаснувајќи дека државата од почеток се приклонила кон сите мерки на осуда и санкции против Руската Федерација.
Исто така, се разговарало и за европската перспектива на двете земји, влијанието на украинската војна врз овој контекст и потребата процесот да го добие своето зголемено внимание, согласно новата геополитичка и безбедносна динамика. Османи рече дека Македонија ќе ја поддржи кандидатурата на Украина за членство во ЕУ.
Во однос на продолжувањето на украинско-руските преговори за прекин на воените дејства Кулеба рече дека веќе неколку пати се обиделе да стапат во контакт и да организираат средба меѓу двајцата претседатели, Зеленски и Путин, но за тоа се уште нема никакви изгледи. Според Кулеба, нема ниту еден позитивен сигнал од руска страна за да заврши војната, а Путин се уште е во „воено расположение“.
За време на својата посета во Киев, Министерот Османи ја реотвори Амбасадата на Република Северна Македонија во Украина со што истата е ставена во полна функција.
„Ова не е само симболичка порака, туку суштински израз на пријателство и солидарност кон украинскиот народ и држава“, изјави Османи.