сабота, 27 јули 2024
Трибина со претседателскиот кандидат

Oсмани: Ќе шетаме во САД без визи, како претседател ќе ги довршам разговорите

Кандидатот за претседател на Европскиот фронт, Бујар Османи вети дека ќе ги заврши иницијативите започнати во рамките на Стратешкиот дијалог со Соединетите Американски Држави, вклучително и либерализацијата на визите за да може, како што рече, да бидеме подготвени да шетаме во САД без визи.

Објавено на

часот

Сподели

„Го започнавме овој процес и верувам дека многу брзо ќе можеме да станеме дел од Програмата за глобален влез (Global Entry Program). Покомплициран ќе биде процесот наречен Visa Weiver, или целосното отстранување на визите со САД. Тоа значи донесување на некои нови закони и намалување на процентот на одбиени визи. Затоа, формирав меѓуресорско тело на ниво на Влада, кое го водев како министер за надворешни работи, но мислам дека како претседател ќе го издигнам на ниво на претседателство и ќе го водам од улогата на претседател, за да можам со овластување на претседателот брзо да ги одобриме сите мерки што ќе не направат подготвени да шетаме во САД без визи“, истакна Османи кој денеска одржа отворена дискусија на тема „Зајакнување на стратешките партнерства со САД и ЕУ и соодветно меѓународно воспоставување преку надворешната политика“..

Во однос на консензусот за прашањето за интеграција во Европската Унија, Османи рече дека ќе ги собере сите политички чинители во државата за да се постигне консензус за партнерството со Соединетите Американски Држави.

„Еден од најважните државни консензуси ќе биде постигнувањето консензус за блиско партнерство со САД. Нема алтернатива кога станува збор за нашата безбедност, меѓуетничката хармонија, соседските односи и нашите евроатлантски амбиции”, истакна Османи, додавајќи дека зад секој успех на нашата заедничка држава стојат САД и нивните напори.

“Тие се причината затоа што оваа земја денес е стабилна, затоа што оваа земја денес е мултиетничка и функционална, затоа што оваа земја е во НАТО, затоа што оваа земја е во мир и во економски развој и на пат кон членство во ЕУ“, рече Османи.

Во овој контекст, Османи го оцени како опасно јавното говорење на политичките противници за кршење на партнерството со САД, Договорот од Преспа и Договорот за пријателство со Бугарија, што, според Османи, ќе ја претвори земјата во, како што рече, „слепо црево” на Балканот, каде што никој нема да влезе ниту да излезе”.

Османи, меѓу другото, најави економски караван со сите стопански комори во САД, неколку пати во годината, со цел поврзување на нашите бизниси со американски бизниси, привлекување американски инвеститори да инвестираат во нашата земја и евентуално обезбедување можности за нашите бизнисмени да инвестираат на американско тло.

Тој ја повтори заложбата дека првата работа што ќе ја направи доколку биде избран за шеф на државата ќе закаже состанок со лидерите на партиите кој ќе трае додека не се постигне консензус за Европската Унија.

На новинарско прашање во однос на коментарот на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски дека е задоцнета можноста околу градењето консензус за уставните измени и како мисли да се вклучи опозицијата, Османи вели дека тоа не е точно и дека опозициската партија ги манипулира граѓаните во однос на содржината на Францускиот предлог и Преговарачката рамка со погрешно толкување.

„Еве се нудам и сега, ќе ја прекинам кампањата, надвор од очите на јавноста, спремен сум да одам во Белата палата во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ пред сите нивни членови да одговорам на сите прашања, да го претставам и Францускиот предлог и Преговарачката рамка за да видат дека не е точно тоа што го зборуваат, дека ги манипулираат граѓаните и дека најголемиот успех на Преговарачката рамка, постигнат со помош на САД и на Брисел, беше да се сруши бугарската декларација којашто предвидуваше јазикот, идентитетот и историјата да биде на патот на Македонија кон Брисел, и да се помести на човечки и малцински права, внесување на 3,5 илјади Бугари во Уставот“, рече Османи.

Тој смета дека оној што одбива да ги прифати уставните измени ги предава стратешките партнери бидејќи компромисот е постигнат со нивна помош, потоа со самото одбивање повторно би се вратиле на темата – историја и идентитетот и како трето наведува дека со секој ден одложено членство во ЕУ, се повеќе Македонци ќе бараат бугарски пасоши за да ја напуштаат државава.

„Ако тоа е патриотизам да ги терате граѓаните лажно да се запишуваат дека имаат бугарско потекло за да заминат од државата, тогаш јас не знам што е патриотизам“, вели Османи.

На јавната дебата со свои обраќања учествуваа заменик главниот преговарач и државен секретар во СЕП, Дрита Абдиу Халили, поранешен амбасадор, Енвер Абдулахи и универзитетскиот професор Пајтим Саити.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ