сабота, 27 јули 2024

По 4 години во НАТО политичките оценки се дека тоа беше правилниот избор за Македонија

Интеграцијата во НАТО и ЕУ е најдобар одговор на руските империјални амбиции. Украина е само прва станица, а една од следните ќе биде Западен Балкан, подвлече денеска министерот за надворешни работи, Бујар Османи кој го водеше традиционалниот НАТО настан, со што започнаа Деновите на НАТО во земјава, со кои се одбележуваат четири години од членството на Македонија во НАТО и 75 години од формирањето на Алијансата.

Објавено на

часот

Сподели

„Членството на Северна Македонија во НАТО се реализираше во многу соодветен момент, пред почетокот на руската агресија во Украина. На тој начин, земјава претставува не само фактор на стабилизација на регионот, туку и поттик за земјите во нашето соседство, кои имаат волја и се подготвени да застанат зад заедничките евроатлантски вредности и цели“, рече Османи.

Шефот на дипломатијата потенцираше дека сега е време за забрзување на европските и евроатлантските интегративни процеси.

„Сега, повеќе од било кога, евроатланската и европската интеграција на Западниот Балкан е клучна за подобрување на безбедноста и за консолидирање на стабилноста. Евро-атлантските интегративни процеси се најдобрите демократски алатки за спречување конфликти и злонамерно вмешување на трети страни“, рече Османи.

Министерот го поздрави проширувањето на трансатлантското семејство со две нови земји членки – Финска и Шведска, нагласувајќи дека ваквиот чекор е особено значаен бидејќи ќе ја направи Алијансата посилна и дополнително ќе ја зајакне евро-атлантската безбедност.

Првиот вицепремиер за европски прашања, Бојан Маричиќ во своето обраќање рече дека со гордост можеме да се каже дека е исполнет сонот на многу генерации и дека така, треба да се исполни сонот за Европската Унија (ЕУ), „сега пореален од било кога“.

„Денешните околности ни потврдуваат дека сме донеле вистинска одлука, дека сме биле на вистинската страна. Имаме силно оправдување за големите политички жртви што ги направивме бидејќи беа вредни за граѓаните и за државата. Како што не се откажавме од НАТО, така, без разлика на сите предизвици, нема откажување ниту од ЕУ. Како што ги ставивме интересите на граѓаните и на државата во преден план наспроти личните или партиските кога ги носевме тешките одлуки за НАТО, така ќе направиме и за нашето членство во ЕУ. Но, како и денес за НАТО, кога ќе прославуваме годишнина од членството во ЕУ, знаеме дека граѓаните ќе ни бидат благодарни“, рече Маричиќ.

Тој истакна дека со одговорниот однос кон реформите и пристапните преговори со ЕУ, Македонија до 2030 година може да биде успешна европска приказна.

Шведската амбасадорка Ами Ларсон Џаин, чија земја неодамна се приклучи кон НАТО, изрази благодарност од страна на Шведска за поддршката на нивната апликација за членство.

„Изразувам благодарност најмногу на Владата за безрезервната поддршка на нашата апликација во тешки околности овде. Имавме широка поддршка од оваа земја на нашиот пат до полноправно членство во НАТО и ние сме ви благодарни за тоа. Ние ќе бидеме доверлив и кредибилен партнер што ќе покажува солидарност со сите земји-членки на НАТО. Со нетрпение очекуваме да имаме целосна улога за следната година да прославиме едногодишнина од нашето членство во НАТО“, рече Ларсон Џаин.

Украинската амбасадорка Лариса Дир од името на својата земја Украина упати честитки до Македонија за четвртата годишнина од, како што рече, пристапувањето кон моќното семејство на НАТО и сега го гради својот сопствен одбранбен систем, ја модернизира македонската армија во согласност со стандардите на НАТО но и одговара на барањата на Украина за помош со муниција и со оружје.

„Украинците и се благодарни на Северна Македонија за нејзината помош и за тоа што донесоа толку одлуки за да им помогнат на одбранбените сили на Украина, за да се одбранат против руската агресија“, рече Дир.

Јапонскиот амбасадор Казуја Оцука ја осуди руската агресија врз Украина и изрази солидарност и најдлабоко сочувство до Украина и украинскиот народ.

Евроамбасадорот Дејвид Гир ја поздрави Македонија за нејзиното продолжено усогласување со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ до сто проценти и исто така ја пофали за, како што кажа, нејзиното лидерство и примерот што го поставува во однос на Украина.

„ЕУ ужива стратешко партнерство со НАТО коешто се заснова на споделените вредности, одлучноста да се справиме со заедничките предизвици и нашата безрезервна заложба во одбрана на мирот и безбедноста во евроатлантската област. Особено е важно во време кога постои еден јавен замор во лицето на многуте конфликти да продолжиме да се соочуваме со најголемата закана за евроатлантската заедница со децении, а тоа е руската брутална агресија, насилство и прекршување на меѓународното право и начелата на Повелбата на Обединетите Нации, што ги поткопува начелата за глобалната безбедност и стабилност и која што ја зајакна енергетската и прехранбената криза“, рече Гир.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ