„Обично не го коментирам синдикатот бидејќи ги поттикнувам да бидат што поактивни, што погласни во одбрана на правата на вработените. Но, многу сум осетлив кога во тоа гледам елементи на етничка дискриминација која што, веќе како се приближуваат изборите, добива вознемирувачки димензии и затоа мојата реакција беше жестока и ќе биде жестока“, рече Османи на новинарско прашање по заедничката прес-конференција со министерот за надворешни работи на Албанија Игли Хасани.
Во изминатите две недели, рече, предложил и Владата одобрила четворица конзули, од коишто двајца не биле Албанци и двајца не биле воопшто од МНР и тие, вели, не беа спомнати, туку само тие каде што прочитаа име на Албанци. При тоа нагласи дека делот од Законот којшто предвидува високо дипломатско звање за конзули, е сменет 2015 година по предлог на тогашниот министер и тој став во законот е избришан, така што не е обврска во критериумите за конзули да имаат високо дипломатско звање.
„Врз основа на тоа решение, тогаш законско, се испратени и претходни конзули. Еве конзулот кој штотуку се врати од Солун, е исто така на истиот начин испратен врз основа на тоа законско решение. Меѓутоа, тогаш немало реакции. Немаше реакција ниту за тие што не се воопшто дел од МНР. Имаше реакција за Илми Селами во Будимпешта и за Мухаби Синани. Никој не ги спомна другите политички решенија бидејќи законот предвидува една третина да бидат од МНР. Значи, тука сум многу осетлив и нема да дозволам во ниту една институција каде што јас раководам етничката дискриминација, односно етничката припадност на вработените да биде основа за синдикалното организирање“, вели Османи.
Апелираше, како што вели, да не се демонизира интеграцијата на Албанците затоа што тоа е најдоброто нешто што ѝ се случило на оваа држава.