На потсетувањето дека по претходните парламентарни избори ДУИ влезе во влада со СДСМ иако таа партија не победи, со што беше нарушено правилото „победник со победник“, Османи одговори дека повторно не се разбира суштината.
„Рамковниот договор има механизам за заштита на немнозинските заедници, а не е создаден заради мнозинската заедница. И затоа, покрај 61 пратеник како мнозинство, се бара и бадентерово мнозинство. Оттука се јалови сите обиди да се потцени волјата на немнозинското население“, рече Османи.
„Што доколку некој формира влада без ДУИ, обезбедувајќи 61 пратеник, што тогаш?“, доби ново прашање Османи.
„Тоа е веќе навредливо прашање, затоа што без двојно мнозинство, според Рамковниот договор не може да има функционално Собрание и Влада и не се однесува само за Албанците, туку за сите немнозински заедници“, рече Османи според кого изборите ќе бидат референдум за соживот.
„Тоа во ниеден закон не го пишува, туку се вели дека тој што има мнозинство пратеници, составува влада“, му беше поставено како реплика ново прашање на Османи.
„Дали треба да земам табла и да нацртам? Нема влада без бадентерово мнозинство и без тоа не може да има функционално мнозинство за формирање на влада, тоа е во духот на Рамковниот договор, двојното мнозинство го има во уставните измени и нема потреба да го пишува во закон или да се прават законски измени“, рече Османи.
Тој рече дека Европскиот фронт е за соживот и европска интеграција, а дека вториот концепт со слоганот „Македонија повторно горда“, е шовинистички бидејќи, според тоа, како што додаде, Македонија не била горда со претсетавници Албанци. Вториот слоган „Твоја Македонија“ е исто така шовинистички, рече Османи, бидејќи произлегува, како што нагласи, дека била на Албанците.
„Јас ја претставував Македонија на надворешен план, произлегува дека треба да им се врати на Македонците“, рече Османи, одговарајќи на прашањето кој започнал со националистички пораки имајќи предвид дека на митинзите на ДУИ го нема македонското знаме.
Според него, ваквите слогани и наративи треба да се работа и на обвинителство, уште повеќе, како што нагласи, барањето за 61 македонски пратеник е шовинистичко барање во една мултиетничка средина.
„Затоа, 8 мај не е битка со Вреди, туку со ВМРО-ДПМНЕ која партија сака да гази по етничките заедници, не само по Албанците“, нагласи Османи.
Инаку, на почетокот од прес конференцијата тој нагласи дека Европскиот фронт е најстабилната опција за придвижување на земјата кон ЕУ и безбедна иднина.
„Додека ВМРО-ДПМНЕ две децении го блокираше интегративниот пат на земјата, ДУИ беше таа опција која го одврза јазолот. ВМРО-ДПМНЕ флертуваат со проруски интереси, лансираат нациоанлистички изјави и му се закануваат на славното востание од 2001 година и ги зголемуваат тензиите меѓу етничките и верски заедници. Фронтот гарантира подобар живот и мир и затоа граѓаните не треба да им веруваат на тие што сакаат да не вратат назад низ процесите за кои понесовме толку жртви. Ги повикуваме поддржувачите на опозицијата да го поддржат Европскиот фронт и да ја зајакнат позицијата на Албанците и сите други етнички заедници, против арогантното однесување на мицковизмот. Претседателските избори покажаа дека Европскиот фронт ќе придонесе за владина стабилност со над 20 пратеници и ќе го обезбеди бадентеровото мнозинство без кое не може да опстои ниедна влада во Северна Македонија. Европскиот фронт гарантира стабилност во државата. Така ќе останеме во сојузништво со ЕУ и САД. Со САД во мојот мандат започнавме стратешко партнерство“, рече Османи.
Тој нагласи дека ДУИ е во коалиција со девет партии меѓу кои се и помали етнички заедници и дека заедно во рамки на Европскиот фронт ќе се донесе одлука дали некој од двајцата кандидати за претседател ќе биде поддржан.
П.Џ.