петок, 18 октомври 2024

Ослободете ја вистината

Објавено на

часот

Сподели

Затоа што ја кажав вистината или попрецизно да кажам – се излажав да ја кажам вистината за нашата фела, за ќор-сокакот во кој бевме тогаш и во кој сè уште се наоѓаме, за притисоците, за изобличената вистина што им ја продававме на читателите стегнати од автоцензурата што си ја наметнуваме кога сме ставени во тесно. Од кого?

Не паметам дека имав храброст да ги наредам сите со ред политичари, газди, сите оние што ми ја забрануваа слободата во изразувањето и објавувањето на вистината. Најверојатно бев ставена во тесно. А и тогаш, како и сега, не барав ние новинарите да бидеме заштитени мечки, барав само едно – слобода во новинарската мисла како единствено и најсилно оружје што го имаме. Барав слобода, добив опомена (за влакно избегнав казна – отказ), а сè уште не можам да се ослободам од чувството дека јас, моите колеги, сите сме само заробеници во слободата што толку силно ја бараме, а не знаеме да ја извојуваме. Пишуваме за факти и со факти (исклучоците не сакам да ги носам на душа) и пак сме со повеќе од двесте кривични пријави. Еден новинар беше обвинет за оддавање воена тајна, а пишуваше за шверц со оружје. Една новинарка беше осомничена за тенденциозно, лажно и недокументирано известување, а пишуваше за злоупотреби на европските пари. Примери има премногу – еден новинар напиша за уништеното Кратово, а се соочи со кривична пријава. Да не зборувам за тоа колку од нашите колеги стегнати во моќните алки на газдите на медиумите беа избркани или си заминаа од редакции во кои сè уште се продава „големата вистина“. И ова е дел од заробената новинарска приказна.

Темава, омилена во нашите кругови, особено кога сме втерани во глувчешка дупка, денеска ја расправаа и пратениците во законодавниот дом. Се бараше декриминализација на клеветата и навредата, дела на кои демократските земји и во најблиското соседство им ја симнаа тежината на кривични дела со цел да ја поттикнат демократската мисла и да покажат дека се отворени и слободни општества. Кај нас на оваа тема сè уште се водат само јалови расправии. Тоа го видовме и денеска во парламентот – сите се залагаат за декриминализација, опозицијата, власта, независните пратеници, сите сакаат слободни новинари и граѓани, а всушност нè користат како добар материјал за терање маркетинг и удирање в гради кој е поголем демократ. Повеќебројните во парламентот (власта), за да не излезат лицемери и додворувачи, ставаат огради од типот прерано е да се декриминализираат овие дела барем не додека не помине официјалниот дијалог со новинарите.

Oпозицијата, пак, си најде супер тема за уште една маркетиншка кампања против власта, а на грбот на новинарите. А сè ќе беше толку едноставно да не им тежеше вистината и да немаа уплав од неа. Само ќе требаше еден клик на копчето за гласање и предлогот на пратеникот Ивон Величковски ќе нè однесеше понапред во демократското чекорење.

Тоа е едната страна на приказната. За другата страна од новинарската приказна сме одговорни само ние. За извалканата вистина, за молкот пред фактите, за големите новинарски приказни што завршиле во канта, за замолчувањето на фелата, за појавата на новинари-галеничиња вината е само наша. Не може никој да нè амнестира ниту од вината за урнатите стандарди во професијата, за погазувањето на етичкиот кодекс и за сите неновинарски и нарачани писанија. За спротивното треба да се избориме ние самите. Дали битката ќе ја водиме во ровови, или јавно и отворено, пак е наш избор. Дали ќе почнеме да ги менуваме нештата во сопствените редакции или во новинарското здружение, не е важно. Важно е да ја ослободиме вистината.

                                                                                                                                                                                                                                 Стојанка Митреска

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ