четврток, 9 јануари 2025
Кристина Пота Радуловиќ

Објавено на

часот

Сподели

КОЛУМНА

Колумна

Осаменост и блискост – дали и што зависи од мене?

Осаменоста и самотијата се два поими што често се користат наизменично, но имаат различни значења и конотации. Осаменоста носи со себе чувство на непожелност и празнина. Осаменоста е како мака што нѐ стега со своите канџи, правејќи го нашиот здив сѐ потежок и потежок.
Фото: Марина Т, Ансплеш

Физичката самотија не значи нужно и дека сме осамени. Самотијата ни е неопходна и потребна за одмор, размислување и обновување на енергијата. Сами сме кога во просторот околу нас нема други луѓе, а осамени кога не чувствуваме поврзаност со другите луѓе и кога немаме луѓе со кои чувствуваме и разменуваме блискост и интимност. Токму во тоа е разликата помеѓу самотијата и осаменоста.

Затоа осаменоста не зависи од бројот на луѓето што нѐ опкружуваат во физичкиот простор, туку од квалитетот на релациите што ги имаме со нив. Можеме да бидеме опкружени со многу луѓе на сопствена прослава на голем успех и да се чувствуваме најосамено во светот, а исто така можеме да бидеме само со една личност на клупа во парк и да чувствуваме дека имаме сѐ што ни треба.

Истовремено, контактот со други луѓе ни е неопходен за живот, бидејќи многу наши потреби можеме да ги задоволиме само низ контакт и поврзување со другите луѓе. Затоа осаменоста е мачно, тешко и конечно, дехуманизирачко искуство.

Како средината влијае врз осаменоста?

Различни култури различно ја интерпретираат и различно ѝ пристапуваат на осаменоста и тоа влијае на искуствата на поединците и заедницата.

Во колективистичките друштва, нагласокот е повеќе на групата отколку на поединецот. Во таквите друштва, чувството на припадност и тесно поврзани семејни и друштвени структури можат да го намалат чувството на осаменост. Меѓутоа, кога поединец во таквите друштва ќе се соочи со осаменост, може да почувствува јак немир и непријатност поради силното очекување да биде во постојана врска со другите.

Од друга страна, во друштвата каде што фокусот на вниманието е на поединецот, голема вредност им се придава на неговата независност и самостојност. Додека тоа на поединци може да им даде слобода да ги истражуваат личните интереси и независност, истовремено може да доведе до поголем ризик од осаменост, бидејќи друштвените врски не се секогаш цврсти и не секогаш се подразбираат.

На Балканот, семејството и пошироката заедница играат централна улога во животот на луѓето. Цврстите семејни односи и честите собирања се норма, што може да даде значајна емоционална поддршка и чувство на припадност. Колективистичките аспекти на балканската култура често подразбираат од поединците да се очекува да одржуваат блиски врски и редовна интеракција со своето пошироко семејство и заедницата. Ова може да го намали чувството на осаменост, бидејќи постои силна мрежа на поддршка. Од друга страна, доколку тие односи се конфликтни и исполнети со агресија, некои луѓе може да го избегнуваат поврзувањето бидејќи за нив поврзувањето значи конфликт, притисок и напад од кој постојано мораат да се бранат.

Исто така, начините на кои различни култури се носат со осаменоста и нивните стратегии за надминување на осаменоста значително варираат. Во некои култури, како нашата, барањето професионална помош за емоционални проблеми може да биде стигматизирано, додека во други тоа е широко прифатен начин за решавање проблеми.

Структурирање на време и осаменост

Како начинот на кој го поминуваме своето време влијае на тоа како се чувствуваме и дали е поволен за осаменост или за поврзување со луѓето? Еден од начините на кои можеме да ја набљудуваме динамиката на осаменоста е преку начинот на кој го организираме и поминуваме своето време.

Психијатарот Ерик Берн, творец на психотерапискиот метод и теорија Трансакциона анализа (ТА), говори за структурирање на времето и опишува шест можни начини на кои можеме да го организираме и поминуваме своето време: повлекување, ритуали, разоноди, активности, игри и интимност.

Повлекување

Повлекувањето подразбира издвојување од другите луѓе. Тоа може да биде физичко издвојување и оддалечување од другите луѓе и ментално повлекување, кога личноста физички останува во друштво, но ментално е дистанцирана и отсутна. Кога сме ментално отсутни, повлекувањето нѐ држи одвоени од оние со кои сме физички заедно. Чести облици на повлекување се мечтаење и фантазирање. Повлекувањето бара минимални вложувања, не нѐ обврзува во однос на другите луѓе и ни нуди заштита од недоразбирања, конфликти и повредување, но истовремено нѐ „штити“ и од контакт, взаемност, делење и поврзување со другите луѓе. Во повлекувањето нема вознемирување, напад и загрозување, но истовремено нема ни прифаќање, поддршка и љубов. Повлекувањето само по себе не е ни добро ни лошо, во прашање е мерка – кога и колку. Повлекувањето е здраво и пожелно однесување кога ни е потребно здивнување и одмор и кога ни е потребно да ги средиме своите мисли, чувства, впечатоци и искуства.

Осамените луѓе поминуваат голем, ако не и најголем дел од своето време во повлекување и отсуство на контакт со другите луѓе, повлечени во своите мисли, живеејќи некои одамна минати денови или мечтаејќи за некоја посакувана иднина. Последица од тоа е да не живеат во сегашноста, не ги гледаат постоечките шанси и така пропуштаат реални прилики да излезат од осаменоста.

Ритуали

Ритуали се друштвено програмирано структурирање на времето, во кое секој однапред ја знае својата улога и што од него се бара и очекува. Токму поради својата предвидливост, ритуалите прудаваат одредена сигурност бидејќи нема изненадувања и нејасни ситуации, сѐ е однапред предвидено и познато. Како ритуали на друштвено комуницирање и собирање Берн ги наведува „ритуалот на поздравување“ и „ритуалот на коктел-забава“. Ритуалите овозможуваат луѓето да поминат краток период на време заедно, без обврска на меѓусебно зближување. Размените во ритуалите се со низок интензитет, предвидливи и однапред одредени и затоа ритуалите се сигурни начини на размена на социјален контакт – освен кога некој ќе го прекрши ритуалот. Ритуалите можат да бидат сами за себе цел или да бидат вовед во друг облик на структурирање на времето.

Сепак, учествувајќи во ритуали можеме да се чувствуваме подеднакво осамено и неповрзано со другите луѓе како и во повлекувањето, ако сме повлечени во своите мисли, грижи, желби и надежи – физички присутни, но ментално отсутни, извршувајќи ја само својата улога во ритуалот. За разлика од повлекувањето, во ритуалите сме опкружени со други луѓе и со самото тоа имаме шанса за контакт. Со тоа динамиката и структурата на ритуалот значајно се разликуваат од динамиката и структурата на повлекувањето. Од друга страна, ако ритуалите се наш доминантен начин на комуникација со луѓето, тоа може да доведе до осаменост бидејќи недостига вистинско поврзување со другата личност.

Разоноди

Разонодите подразбираат пријатно поминато време без обврски. Тоа се незадолжителни разговори каде целта не е решавање на проблеми туку размена на информации и искуства на незадолжителен начин. Помалку се структурирани од ритуалите, но постои непишано правило за соодветни и несоодветни теми и начин на разговор. Во разоноди спаѓаат многу муабетења на различни друштвени собири од забавен карактер или во паузите на официјални собири, каде што луѓето спонтано се групираат според своите интереси. Кога поминуваат време во разонода, луѓето имаат можност да добијат забележување и поддршка за своите ставови, како и можност да се запознаат и да направат познанства од кои некои може да бидат и вовед во пријателство.

Разонодите може да бидат одлична можност да излеземе од осаменоста бидејќи имаме можност да разговараме и да запознаеме нови луѓе во незадолжителна атмосфера, без притисок. Но за тоа е неопходно да излеземе од своите мисли и да бидеме телесно и ментално присутни „сега и овде“. Само со вистинска присутност и активно учество можеме да направиме исчекор од осаменоста. Тоа е единствениот начин да си дадеме себеси шанса да пронајдеме луѓе со кои можеме да се поврземе.

Активности

Ние го структурираме своето време во облик на активности кога се занимаваме со нешто што е поврзано со нашата надворешна реалност. Во активностите фокусот е на постигнување на целите и тука спаѓаат образование, работа, хоби, обврски и сл. Токму затоа што фокусот е на постигнување цели, доколку ги имаат потребните вештини и знаења, осамените луѓе можат да бидат истовремено и исклучително успешни и подеднакво осамени. Како да функционираат во два паралелни светa – во едниот, каде што се наградени со насмевки и забележување, и во другиот, каде што никој не ги гледа. Тоа е затоа што забележувањето и пофалбите се однесуваат на нивниот учинок и не нужно подразбираат и желба за запознавање и воспоставување лични релации. Сепак, активностите нудат доста можности за воспоставување контакт и запознавање во текот на работата на постигнување на целите и заеднички теми за разговор по завршетокот на работата.

Игри

Игрите се различни стратегии што луѓето ги користат наместо автентична комуникација. Игрите најчесто се непријатни, болни и разорни и големо мнозинство игри ги продлабочуваат старите и создаваат нови проблеми. Осамените луѓе можат само да ја „потврдат” својата осаменост и причините за неа доколку се впуштат во играње психолошки игри. За да излеземе од осаменоста, потребен ни е автентичен контакт со други луѓе, а во психолошките игри токму таквиот контакт недостига. На пример, играта „Жртва” е честа психолошка игра во која личноста константно зазема позиција на жртва во различни ситуации, барајќи симпатија и внимание од другите, наместо да преземе одговорност за своите постапки и емоционална состојба. Таквото однесување одвраќа од автентична комуникација и подлабоки врски бидејќи другите можат да се чувствуваат искористено или изманипулирано, со што наместо вистинско поврзување, се создава дополнителна емоционална дистанца и се продлабочува чувството на осаменост.

Интимност

Начинот на структурирање на времето што Берн го опишува и именува како „интимност” опфаќа блиски, спонтани и чесни односи, иако многу од овие односи не потпаѓаат под вообичаеното значење на овој збор. Кога луѓето меѓусебно се однесуваат отворено, автентично и спонтано, со почит и без искористување, тие го структурираат своето време на ниво на интимност. Кон проблемите пристапуваат на начин да го решат проблемот, а не да победат или да ја поразат другата личност. Тоа се релации и односи во кои се чувствуваме слободни да бидеме она што сме бидејќи не чувствуваме страв и немаме потреба да се браниме од другата личност.

Блискост и излез од осаменоста

На спротивниот крај на континуумот од осаменоста е блискоста. Кога сме осамени, токму блискоста е она што ни недостига и е вистински лек за осаменоста. Кога чувствуваме блискост, не чувствуваме осаменост туку поврзаност и припаѓање. За да стигнеме до блискост потребна ни е храброст и желба да исчекориме од осаменоста. Во практиката тоа значи да преземеме конкретни чекори за да си создадеме услови себеси да бидеме помеѓу луѓе и да запознаеме луѓе за да ги препознаеме оние со кои сакаме да припаѓаме.

Осаменоста нема да помине сама од себе, од осаменоста треба да излеземе, често со свесен и континуиран напор. Познавање на начините на кои го структурираме своето време и свесноста за тоа, можат да ни помогнат да препознаеме како сами себеси се држиме осамени. Кога ќе препознаеме како се држиме осамени, можеме да ги истражуваме начините како да излеземе од осаменоста и да се поврземе со другите луѓе.

Кристина Пота Радуловиќ

КОЛУМНИ

Рајко Пеколски

Буквата „Љ“ и граѓанинот О

Ангел Наков

Мaкедонија – врвна туристичка зимска дестинација

Соња Стојадиновиќ

Лицемерието на Западот во однос на Украина

Ристо Цицонков

Греење со топлински пумпи: нема согорување на гориво

Рајко Пеколски

Земја

Светлана Јовановска

Дали 2025 ќе биде годината на Трамп?

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ