петок, 26 јули 2024

Орбан: Забиен е уште еден клинец во ковчегот на Европската унија

Унгарскиот премиер Виктор Орбан се огласи на социјалната платформа Икс откако претставниците на Европскиот парламент на вчерашната пленарна седница во Брисел гласаа за новиот пакт за миграција и азил.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

„Пактот за миграција е уште еден клинец во ковчегот на Европската унија. Единството е мртво, веќе нема безбедни граници. Унгарија никогаш нема да попушти пред масовното миграциско лудило! Ни требаат промени во Брисел за да ја запреме миграцијата“, рече Орбан.

Пактот за миграција е пакет регулативи кој се состои од вкупно десетина законски акти. За екстремната десница тој не е доволно рестриктивен, а за мнозинството претставници на Зелените и екстремната левица пакетот е престрог и сметаат дека ги крши правата на мигрантите.

Договорот предвидува земјите на првиот влез на мигрантите на територијата на ЕУ да спроведат построга процедура за азил на надворешните граници на Унијата и да имаат повеќе овластувања за враќање на барателите на азил кои имаат мали шанси да добијат меѓународна заштита.

Пакетот вклучува и пет регулативи за кои беше постигнат договор меѓу Советот и Парламентот на 20 декември минатата година. Првата од петте регулативи се однесува на длабински гранични проверки, што значи дека се воведуваат униформни правила за идентификација на државјани на трети земји по нивното пристигнување, што треба да придонесе за безбедноста во Шенген зоната.

Втората е регулативата за Еуродак, заедничка база на податоци во која се собираат попрецизни и поцелосни податоци за откривање на нелегални движења. Потоа, регулативата за процедурите за азил, која предвидува побрза и поефикасна постапка за азил и враќање.

Регулативата предвидува процедура на границите за оние кои статистички имаат мали шанси да добијат азил, тие мигранти ќе бидат задржани во прифатни центри на границите додека нивното барање се разгледува по забрзана постапка со цел да се вратат што е можно побрзо.

Четвртата е регулатива за управување со азил и миграција, која воспоставува нов механизам за солидарност меѓу земјите-членки за да се балансира сегашниот систем каде што неколку земји се одговорни за огромното мнозинство барања за азил, како и јасни правила за одговорност за обработка на барањата за азил.

Петтата е регулативата за кризни состојби и ситуации на виша сила. Тоа треба да обезбеди дека ЕУ во иднина е подготвена да се справи со кризни ситуации, вклучително и инструментализација на мигрантите, како што е она што го прават Русија или Белорусија кога испраќаат голем број луѓе од трети земји на територијата на ЕУ.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ