сабота, 27 јули 2024

Орбан во посета на Трамп: „Мора заедно да ги браниме САД и Европа од либералите“

Виктор Орбан денеска на Флорида се среќава со својот „добар пријател“ Доналд Трамп, пренесува АФП, додавајќи дека унгарскиот премиер е еден од ретките европски лидери што посакуваат тој да победи на претседателските избори во САД на крајот на годинава.

Објавено на

часот

Сподели

Целта на состанокот, кој треба да се одржи во луксузната резиденција на Трамп Мар-а-Лаго, е „зајакнување на дипломатските и стратегиските односи меѓу Трамп и САД“, напиша на Икс портпаролот на унгарската влада Золтан Ковач. АФП пишува дека Орбан се однесува како Трамп веќе да е во Белата куќа.

„Нема потреба од коцкање, да се обложиш дека претседателот Доналд Трамп ќе се врати е единствениот разумен пристап за Унгарија“, рече Орбан претходно оваа недела во говорот во унгарската трговска и индустриска комора.

Војната во Украина секако ќе биде една од темите на разговор за која има договор меѓу двајцата. Орбан е цврсто убеден дека Трамп може да ѝ стави крај на таа војна и да донесе мир во Европа.

„Се надеваме дека актуелниот претседател ќе замине и дека претседателот Трамп ќе се врати и ќе има одврзани раце да постигне мир (во Украина), рече Орбан на 23 февруари.

Орбан одби да испрати оружје во Украина за да ѝ помогне во борбата против руската инвазија и ги критикуваше западните санкции против Русија. Тој постојано повикуваше на прекин на огнот во Украина за да ѝ се стави крај на војната. Убеден дека Киев не може да победи во оваа војна, Орбан постојано повикува на примирје.

Трамп, речиси сигурен кандидат за републиканска претседателска номинација, побара од републиканците во Конгресот да ја блокираат американската воена помош од 60 милијарди долари за Украина.

Трамп особено го фали Орбан како „голем лидер“, кој е подготвен да ја брани својата земја од илегалната миграција.

Орбан рече дека следните претседателски избори во САД оваа година и гласањето за Европскиот парламент во јуни ќе бидат клучни бидејќи конзервативците во Европа и САД мора да се борат заедно за да ги „вратат“ институциите во Вашингтон и Брисел од рацете на либералите, кои, рече Орбан, ја загрозуваат западната цивилизација.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ