На европските избори во Унгарија, според првите податоци на унгарската изборна комисија, победи владејачката партија Фидес на премиерот Виктор Орбан со 43,5 отсто од гласовите.
Нејзината победа беше очекувана, но во споредба со прогнозите, таа постигна нешто помала поддршка од очекуваната и полош резултат од пред пет години, кога доби нешто повеќе од 52 отсто од гласовите. На второ место е партијата Почит и слобода (ТИСЗА) со 30,99 отсто од гласовите.
Анкетите предвидуваа приближно 27 отсто поддршка за партијата ТИСЗА пред денешното гласање, а околу 50 отсто од унгарските гласачи за партијата Фидес на Орбан.
Така, во новиот состав на Европскиот парламент Фидес ќе има 11 места наместо досегашните 13, додека либерално-конзервативната партија ТИСЗА би требало да има седум места. Партијата е основана во 2021 година и сè уште не е јасно на која политичка групација ќе ѝ се приклучи.