Орбан, кој е на власт веќе 14 години, се надева дека неговата партија Фидес ќе профитира од подемот на десницата низ цела Европа. Неговата земја се подготвува за преземање на ротирачкото претседавање со ЕУ во втората половина од годината.
Зборувајќи на собир по повод унгарскиот национален празник, со кој се одбележува Унгарската револуција од 1848 година против Хабсбуршката монархија, Орбан кажа дека европските избори се шанса да се заземе за Унгарија.
„Ако сакаме да ги одбраниме унгарската слобода и сувереноста, немаме друг избор освен да го окупираме Брисел. Ќе маршираме во Брисел и сами ќе донесеме промена во Европската Унија“, кажа Орбан.
Унгарскиот премиер веќе подолго време е во судир со администрацијата во Брисел околу повеќе прашања, вклучувајќи го унгарското противење да испраќаат оружје на Киев и одржувањето економски врски со Москва.
Орбан ја обвини ЕУ дека со своите потези им штети на земјоделците, средната класа и ги уништува компаниите, „а покрај сето тоа, ја води Европа во војна“. „Нема да го прифатиме тоа што Брисел ги напушти Европејците, дури и се сврте против нив“, оцени тој.
Неговата партија е во преговори со евроскептичната групација во Европскиот парламент, Европските конзервативци и реформисти, по излегувањето од Европската народна партија.